Најдоцна за две недели ќе се комплетира составот на заменик-министрите во македонската Влада, каде што две испразнети позиции веќе три месеци чекаат на пополнување. По јулската реконструкција на Владата, празни станаа вторите позиции во две министерства – во Министерството за социјална политика, демографија и млади и во Министерството за култура и туризам, откако тогашните заменици, Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, и Седат Сулејмани од партијата Вреди, станаа министри во истите ресори. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека на овие позиции наскоро ќе следува наскоро избор на нови кадри на овие позиции.
– Јас горе-долу имам што, каде и како, така што ќе треба коалициски да седнеме и да го потврдиме тоа во текот на следните една до две недели – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за трета фаза од ревитализацијата на хидроелектраните.
Тој не објасни дали промените во вториот ешалон на власта ќе се ограничат само на овие две министерства или, пак, ќе има уште некои други рокади на заменичките места. Неодамна, лидерот на партијата Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, соопшти дека очекува неговата партија да добие уште едно заменичко место покрај она што веќе го има во ресорот за енергетика, рударство и минерални суровини.
– За нашата политичка партија никогаш не е приоритет што ќе добиеме како составен дел на власта, туку сакаме да преземеме одговорност. Што се однесува до поделбата на ресорите и местата, тргнуваме исклучиво од аспект на преземање одговорност. Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниов месец и верувам дека, како и во останатите ресори и институции каде што преземавме одговорност, ќе го дадеме својот придонес и во тој ресор. Разговараме за неколку ресори, не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање – изјави тогаш Димитриевски.
За вторите и третите ешалони на власта, додаде, досега до него не се пристигнати забелешки ниту од мандатарот ниту од ресорните министри во однос на работењето на функционерите на ЗНАМ во пониските нивоа на власта.
Премиерот Мицкоски, пак во врска со блокираниот Изборен законик, на прашањето дали ги прифаќаат забелешките на опозицијата, одговори дека првин очекува опозицијата во Собранието да излезе со консолидиран став.
– Тука мислам, пред сè, на парламентарната опозиција – СДСМ, Левица и Демократската унија за интеграција, нека излезат со став, па тогаш би можеле да коментираме. Вака не можеме да коментираме. Очекувам обединетата опозиција во Македонија – СДСМ, ДУИ и Левица, да излезат со став за да може да дадеме коментар – додаде Мицкоски.
Инаку, за денеска, од страна на министерот за правда, Јетон Шасивари, е закажана консултативна средба во обид да се деблокира процесот на изгласување на измените во изборното законодавство. Шасивари ги поканил претставниците на собраниската работна група за Изборниот законик со цел евентуално да се постигне консензус, откако по една година разговори пропадна обидот за измени на изборното законодавство, кое, пак, е дел од реформската агенда. Но, веќе сега е извесно дека на средбата нема да присуствуваат сите партии. Од редовите на најголемата опозициска партија веќе соопштија дека нема да присуствуваат на средбата бидејќи не го смениле ставот со кој категорично бараат отстранување на предлогот за електронско гласање на иселениците. Оттаму додаваат дека се подготвени да ги поддржат промените врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Од Левица, пак, најавија учество на средбата при што своите идни чекори ќе ги дефинираат зависно од тоа дали ќе продолжи работата на работната група. Ова партија, по неодамнешната одлука на Уставниот суд кој ја одби иницијативата, најави дека се подготвува да поднесе свој предлог за законско регулирање на државното финансирање на изборните кампањи. Дали предлогот ќе биде поднесен, ќе зависи од работната група. (Б. Ѓ.)












