Жетвата на јачменот и пченицата почна, но наместо задоволство од сработеното, земјоделците и годинава се соочуваат со старите проблеми – ниски откупни цени, високи производствени трошоци и неизвесен пласман. Производителите предупредуваат дека одгледувањето на житни култури станува сè понерентабилно и дека, доколку државата не интервенира, сè повеќе земјоделци ќе ги намалуваат површините под пченица и јачмен или целосно ќе се откажуваат од нивното производство.
Годинава, пченицата се откупува по цена од 8,5 до 9 денари за килограм, односно по цена на едно јајце. Според земјоделците, тоа е далеку под реалната производствена цена и не ги покрива ниту основните трошоци за семенски материјал, ѓубрива, заштитни средства, гориво, механизација и работна сила. Тие велат дека вложувањата од година во година се зголемуваат, додека откупната цена останува речиси непроменета, поради што производството, наместо заработка, носи загуби.
Поради тоа, земјоделците бараат Владата и надлежните институции итно да интервенираат преку мерките што им стојат на располагање и да ја надоместат разликата меѓу производствената и откупната цена. Според нив, неопходно е да се обезбеди минимална гарантирана откупна цена или дополнителна финансиска поддршка што ќе им обезбеди барем минимална заработувачка. Во спротивно, предупредуваат дека државата ќе се соочи со дополнително намалување на домашното производство на жито и со уште поголема зависност од увоз.
Со намален род и ниски откупни цени, земјоделците бараат итни интервентни субвенции и заштита на производството на пченицата и јачменот како стратешки култури. Од Националната земјоделска мрежа велат дека моменталната пазарна откупна цена е драстично пониска од трошоците неопходни за производство на еден килограм пченица и јачмен.
„Со оглед на зголемените цени на репроматеријалите, горивото и работната рака, сегашната откупна цена директно ги носи земјоделците во загуба и го загрозува опстанокот на нивните стопанства. Државата мора да интервенира преку повеќе механизми – со стоковите резерви, интервентен откуп или преку Интервентниот фонд да ја покрие разликата меѓу производствената и продажната цена и да обезбеди минимална заработувачка за земјоделците“, изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорѓи Каракашев.
Според него, државата не треба да дозволи увоз на пченица во екот на жетвата, бидејќи тоа дополнително ќе ја намали откупната цена на домашното производство.
Каракашев смета дека државата може да помогне и со покривање на трошоците за складирање на житото сè додека не се обезбеди поповолна откупна цена. Сточарите неодамна реагираа оти не можат да го подигнат житото од жетвата во 2025 година, кое, согласно договорите со државата, го предале на чување во силосите. Сега, за да го преземат, силосите им наплаќаат од три до пет денари за килограм за складирање.
–Тоа е огромен дополнителен трошок и практично значи дека земјоделците треба да се откажат од значителен дел од сопствениот род само за да можат да си го земат назад житото, предупредија сточарите.
Мемет Синани, производител на пченица од Тетовско, вели дека, ако продолжи ваквиот тренд, Македонија ќе остане без домашно производство на лебно жито.
„Бараме да се почитува Законот за земјоделство и рурален развој, кој предвидува земјоделците да не работат со загуба. Тоа значи дека кога откупната цена е пониска од производствената, државата е должна да ја надомести разликата до производната цена и дополнително да обезбеди 25 проценти заработувачка за земјоделците. Во моментов мелничарите ја откупуваат пченицата по 8,5 до 9 денари за килограм, односно по цена на едно јајце. Затоа бараме да се воведе минимална гарантирана откупна цена под која нема да може да се откупува пченицата. Само така земјоделците ќе знаат колку да посеат, по која цена ќе можат да го продадат родот и дали воопшто ќе им се исплати производството“, вели Синани.
Тој додава дека голем дел од земјоделците од Прилепско и Битолско веќе се откажале од одгледувањето пченица, а слични најави има и од производители од други региони во државата.
Од Министерството за земјоделство велат дека откупната цена на пченицата и јачменот ја формира пазарот, но додаваат дека доколку се утврдат пазарни нарушувања, државата ќе интервенира со соодветни мерки.
Според земјоделците, годинашното производство дополнително беше погодено од недостигот на пролетни врнежи и од продолжените сушни периоди, што директно се одрази врз приносите. Тие предупредуваат дека ниските откупни цени, во комбинација со сè повисоките производствени трошоци, дополнително ќе ги обесхрабрат земјоделците и ќе доведат до намалување на површините под житни култури во наредните години. Доколку не се преземат итни мерки, велат тие, Македонија ризикува да произведува сè помалку лебно жито и да стане уште позависна од увоз.
(А. С.)












