вторник, јуни 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Млекото падна на 21 денар за литар, субвенциите доцнат една година, а...

Млекото падна на 21 денар за литар, субвенциите доцнат една година, а добитокот нема што да јаде

0

Сточарите од Пелагонија вчера излегоа на протест во Битола, барајќи итна исплата на субвенциите за 2025 година по грло добиток и премиите за предаденото млеко, кои, според нив, не се исплатени веќе една година. Со протестот, тие го изразија револтот поради, како што велат, сè потешката состојба во македонското сточарство.

На членовите на Здружението на сточари „Пелагониско Поле“ им се придружија сточари, земјоделци и земјоделски здруженија од повеќе региони во државата, кои заеднички побараа институциите итно да ги решат наталожените проблеми во секторот.

„На протестот имаше голем број сточари и земјоделци од целата држава кои дојдоа да нè поддржат и да го искажат своето незадоволство од неисплатените субвенции и ниските откупни цени. Бараме да ни се исплатат субвенциите по грло добиток за 2025 година, како и премиите за предаденото млеко во преработувачките капацитети, кои не се исплатени уште од јуни минатата година, што значи дека доцнат веќе 12 месеци“, изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Здружението на сточари „Пелагониско Поле“, Тони Петковски.

Тој посочи дека по протестот биле примени во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола, каде што им било кажано дека тие само ги спроведуваат одлуките што ги носи Министерството.

Дополнителен удар за сточарите, велат тие, е и драстичното намалување на откупната цена на млекото.

„Млекарниците ја намалија откупната цена за 10 денари. Лани млекото се откупуваше по 33 денари за литар, а сега цената е само 21 денар. Тоа е срамно и понижувачки. Во исто време, цените на млекото и млечните производи во маркетите постојано растат, а производителите добиваат сè помалку за својот труд“, изјави за весникот ВЕЧЕР Борче Бучински од Здружението.

Покрај неисплатените субвенции и ниските откупни цени, сточарите велат дека се соочуваат и со сериозни проблеми при откупот на јагнињата, не можат да го подигнат житото што го чуваат во силосите, а се жалат и на административни пречки при издавањето сертификати за здравствената состојба на добитокот. Според нив, тоа се само дел од проблемите со кои македонското сточарство се соочува со месеци.

Сточарите дополнително изразуваат загриженост затоа што сè уште не е донесена Програмата за пријавување за субвенции за оваа година, иако веќе започна јули. Велат дека досега не се случило земјоделците и сточарите толку долго да бидат во неизвесност и да не можат да ги пријават земјоделските површини и добитокот за остварување на правото на субвенции.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ