Чешка би можела да стане „легитимна цел“ за Русија поради нејзината поддршка за Украина, предупреди чешкиот претседател Петр Павел, коментирајќи го инцидентот со беспилотни летала и ракети во полскиот воздушен простор, како што пренесува чешкиот информативен портал „iDNES“.
Павел изјави дека Русија – како што тврди тој – постојано нагласува оти секоја земја што ја поддржува Украина станува легитимна цел. Според чешкиот претседател, тоа значи дека и Чешка би можела да се најде на таков список.
Неговата изјава уследи по обвинувањето од полскиот министер за национална одбрана, Владислав Косињак-Камиш, дека Русија го нарушила полскиот воздушен простор. Москва ги отфрли овие тврдења, оценувајќи ги како неосновани.
На 19 ноември, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е свесна за пораките од европските лидери во врска со подготовките за војна, но нагласи дека Русија нема намера да нападне ниту една земја. Тој додаде дека Москва не ги нарушила своите односи со Европа и повика на прекин на она што го нарече „неодговорни политики“.
Руското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека вклученоста на странски држави во планирањето и изведувањето борбени операции на украинските сили против Русија би можела да ги направи оние што ги извршуваат таквите задачи на украинска територија – легитимни воени цели. Путин во повеќе наврати предупреди дека Москва не го прифаќа присуството на странски трупи во Украина.
Обвинувања за нарушување на воздушниот простор во Полска се појавувале и претходно. Еден од најзначајните инциденти се случи кон крајот на 2022 година, кога проектили паднаа на полска територија, во близина на границата со Украина, при што загинаа две лица. Варшава првично изјави дека проектилите се од руско производство, но полскиот претседател Анджеј Дуда подоцна процени дека најверојатно станува збор за украинска муниција.
Според „Асошиејтед прес“, проектилите биле украински ракети истрелани со цел пресретнување на руски ракети. Експертите, врз основа на фотографии направени на местото на ударот, идентификуваа делови од ракетниот систем С-300. img












