Претседателот на САД, Доналд Трамп, во моментов одржува прес-конференција во Белата куќа по историската посета на Кина и средбата со кинескиот претседател Шји Џинпинг.
Трамп се појави пред новинарите придружуван од потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. Присутни се и секретарот за финансии Скот Бесент, секретарот за одбрана Пит Хегсет, како и високи претставници на Белата куќа.
Тој ја започна конференцијата осврнувајќи се на својата посета на Азија, која ја опиша како успешна.
Тој го истакна авионот – обезбеден од Катар – што беше користен за патувањето, напоменувајќи дека летот траел приближно 14 и пол часа без потреба од застанување за дополнување гориво.
„За четири дена се сретнав со повеќе од 20 светски лидери, обезбедив два нови трговски договори, а наскоро очекувам уште десетина. Учествував на четири големи меѓународни самити и ги зајакнав американските сојузи во регионот“, рече Трамп.
Тој додаде дека Соединетите Држави тргнале на ова патување од позиција на „неспоредлива економска и дипломатска моќ“.
Трамп го обвини Иран дека не преговара со добра волја во обидите за ставање крај на војната.
„Тие сакаат да постигнат договор, но не таков што би бил прифатлив за мене. Ние сакаме вистински договор, а не лажен – каков што склучуваат веќе 51 година“, рече Трамп, додавајќи дека Иран „ги мами луѓето веќе 51 година“. Трамп исто така укажа на падот на цените на горивата, тврдејќи дека тие дополнително ќе паѓаат, иако призна дека тоа зависи и од исходот на преговорите со Иран.
Потоа, тој ги критикуваше високите каматни стапки и ја обвини американската централна банка (Фед) дека дејствува водена од политичка агенда.
„Секогаш кога ќе објавиме добри економски резултати, тие ги зголемуваат каматните стапки. Тоа го прават со одредена цел, но би требало да биде сосема спротивно“, рече Трамп.
Тој тврди дека САД некогаш имале најниски каматни стапки во светот, додека сега – според него – Фед ги зголемува секогаш кога економијата бележи добри резултати. Кон крајот на октомври, ФЕД ја задржа клучната каматна стапка непроменета, по нејзиното зголемување во септември – прво такво покачување од 2023 година, пренесува Си-Ен-Ен (CNN).
Тој упати критики кон Републиканската партија поради нејзините слаби изборни изгледи, наведувајќи дека републиканците не успеале да обезбедат поддршка за неговите предлози.
„Да бев јас на гласачкото ливче, приказната ќе беше сосема поинаква“, изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа.
„Но, јас не бев кандидат. Луѓето сметаа дека Републиканската партија не се однесуваше добро кон мене, бидејќи не успеа да го спроведе она што го барав. Не успеаја да го протуркаат тоа низ Сенатот, но се надевам дека сега ќе успеат“, додаде тој.
Тој најави дека има намера да им забрани на американските компании да градат центри за податоци надвор од Соединетите Држави. „Нема да дозволиме нашите компании да градат центри за податоци надвор од нашата земја. Дозволивме тоа да се случи со чиповите и другите технологии, што беше многу штетно за САД“, рече Трамп.
Тој призна дека за оваа намера сè уште нема разговарано дури ни со своите соработници.
„Не знам дали ова е ексклузивна вест, но сè уште не им кажав на моите луѓе. Им кажувам сега – токму овде“, додаде тој.
Трамп исто така најави многу високи даноци за американските компании кои би граделе центри за податоци во странство. Засега не е јасно како тој би спровел една таква забрана.












