петок, ноември 20, 2026
Дома СВЕТ Аларм во воздух: Се запали мотор на авион со 120 патници, пожарот...

Аларм во воздух: Се запали мотор на авион со 120 патници, пожарот го забележал екипаж на друго летало; извршено е принудно слетување

0

Пилотот на авион на „Американ ерлајнс“ прогласи вонредна состојба и итно се врати на аеродромот во Финикс, Аризона, откако екипажот на друг авион забележал пламен што излегува од еден од неговите мотори. Инцидентот се случил вчера, само три дена откако друг авион на истата авиокомпанија беше принуден да изврши принудно слетување во Орландо, Флорида, поради дефект на моторот, пренесува „Њујорк пост“.

Авионот, кој го извршувал летот 3230, полетал вчера околу 16:15 часот од Финикс, Аризона, кон Портланд, Орегон, на северозападниот дел од САД. Кратко по полетувањето, екипажот добил предупредување за можна опасност, што ги навело да го прекинат летот и да се вратат на почетната точка – аеродромот „Скај Харбор“ во Финикс.

„Екипажот на летот што полета веднаш по вас пријави дека гледа пламен од еден од вашите мотори; изгледа дека можеби има истекување“, предупредил контролорот на летање, според снимката од комуникацијата.

„Во ред, имаме проблем со хидрауликата и планираме да се вратиме на пистата“, одговорил пилотот. Тој напоменал дека во авионот има 120 луѓе и дека нема да испуштаат гориво пред слетувањето.

Според податоците за летот, авионот се вратил на аеродромот дваесет минути по полетувањето. Од „Американ ерлајнс“ денеска потврдија дека на летот дошло до технички дефект, но нагласија дека нема докази за пожар.

Компанијата соопшти дека летот 3230 безбедно се вратил на аеродромот и е повлечен од сообраќај за да биде прегледан од тимот за одржување. Патниците истата вечер биле префрлени на друг лет за Портланд.

„Безбедноста е наш главен приоритет. Им благодариме на членовите на нашиот тим за нивниот професионализам и им се извинуваме на патниците за нарушувањето на нивното патување“, изјави портпарол на компанијата.

ИЗДВОЕНИ