четврток, јули 9, 2026
Дома СВЕТ Павел: НАТО мора да ѝ „покаже заби“ на Русија

Павел: НАТО мора да ѝ „покаже заби“ на Русија

73
Фото: PA/Albert Zawada POLAND OUT

Чешкиот претседател Петр Павел го повика НАТО да ѝ „покаже заби“ на Русија за она што го нарече постојан тест за решителноста на Алијансата на нејзиното источно крило, предупредувајќи дека недостатокот на решителен одговор може да ја охрабри Москва на понатамошни провокации.

Во интервју за британскиот весник „Гардијан“, Павел рече дека НАТО треба да одговори „доволно решително, па дури и асиметрично“ на она што го опиша како провокативно однесување на Русија кон членовите на Алијансата.

Павел, поранешен генерал и поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО, рече дека по анексијата на Крим во 2014 година, Москва научила како функционира НАТО и развила тактики за да дејствува „на самиот раб на активирање на Член 5, но секогаш малку под тоа ниво“.

Чешкиот претседател рече дека руските воени претставници претходно му кажале дека наводно извршиле провокативни акции во воздух и на море „затоа што можат“, додавајќи дека НАТО предолго толерирало такво однесување.

„За жал, Русија не разбира убав јазик. Таа најмногу го разбира јазикот на силата, особено кога е придружен со конкретни акции“, рече Павел.

Тој додаде дека НАТО треба да разгледа и „асиметрични мерки“ кои нема да вклучуваат човечки жртви, но ќе бидат доволно чувствителни за да испратат јасна порака до Москва.

Тој наведе можни мерки како исклучување на интернет или сателитски системи, како и исклучување на руските банки од меѓународниот финансиски систем. Павел предупреди дека Русија би можела дополнително да ги интензивира своите активности ако Западот не реагира на сегашните прекршувања на правилата.

Зборувајќи за војната во Украина, Павел оцени дека на Киев му е потребна посилна поддршка и поголема решителност од Соединетите Држави. Тој рече дека специјалните претставници на САД Стив Виткоф и Џаред Кушнер треба да заземат поцврст став кон Москва и да го поврзат секое олеснување на санкциите со мировен договор.

Павел, исто така, ја критикуваше Европа за, како што изјави, недостатокот на јасна стратегија кон Русија и идниот безбедносен поредок по војната во Украина.

„Најмногу чекаме што ќе дојде од Вашингтон. Ако не излеземе со свои предлози, изгледаме слаби и дезориентирани“, рече тој.

Чешкиот претседател оцени дека новиот пакет санкции би можел да ја принуди Русија на преговори и заклучи дека прекинот на огнот и мировните преговори би биле услов за разговори за европската безбедност и евентуалното укинување на санкциите врз Москва.

ИЗДВОЕНИ