вторник, јули 7, 2026
Дома БАЛКАН Советот на ЕУ издвои уште 21 милион евра за зајакнување на албанската...

Советот на ЕУ издвои уште 21 милион евра за зајакнување на албанската армија

186
Фото:принтскрин, Министерство за одбрана на Албанија, фб

Советот на Европската Унија (ЕУ) издвои 21 милион евра за зајакнување на капацитетите и способностите на албанската армија, што е трета мерка за билатерална помош во рамките на Европскиот мировен фонд за таа земја, објавува „Бета“.

Вкупната помош за Албанија со тоа достигнува 49 милиони евра, а оваа одлука ја надополнува поддршката што веќе ја обезбедува ЕУ и има за цел дополнително да ја зајакне способноста на албанската армија да се распореди навремено и ефикасно, објави Советот.

Мерката за помош, исто така, ќе го зголеми потенцијалот на Албанија да придонесе во операциите и мисиите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и меѓународните коалиции, се вели во соопштението.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, по повод новата распределба на средствата за Албанија, изјави дека земјата е „близок и сигурен партнер во надворешната и безбедносната политика, активен придонесувач во операциите на ЕУ и посветен сојузник на НАТО“.

„Зајакнувањето на нашата безбедносна и одбранбена соработка со Албанија директно ја зајакнува европската стабилност, безбедност и мир“, рече таа.

Вчерашната одлука на Советот на ЕУ го илустрира, додаде тој, континуираниот ангажман на ЕУ со Албанија во областа на безбедноста и одбраната и ја одразува заедничката посветеност на зајакнување на соработката во овие области.

Одлуката се темели на Партнерството за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Албанија, кое двете страни го потпишаа во декември 2024 година, како и на двата дијалози за безбедност и одбрана во април 2025 и 2026 година, се додава во соопштението.

Усвојувањето на новиот пакет за поддршка го признава целосното усогласување на Албанија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се вели во соопштението.

ЕУ ќе ѝ обезбеди на албанската армија лесни оклопни повеќенаменски возила, како и тактички и инженерски возила и сродни материјали и услуги, вклучително и оперативна обука и обука за одржување, преку мерката Европски мировен фонд, се заклучува во соопштението.

Европскиот мировен фонд беше основан во март 2021 година за финансирање на активности во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика за спречување на конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.

ИЗДВОЕНИ