четврток, септември 10, 2026
Дома СВЕТ Берлин им нуди пари на Авганистанците за да се откажат од плановите...

Берлин им нуди пари на Авганистанците за да се откажат од плановите да дојдат во Германија

21

Германската влада повторно нуди финансиски поттик за загрозените Авганистанци кои се наоѓаат во Пакистан за да се откажат од програмата за преселување во Германија. Семејствата кои ќе ја одбијат понудата би можеле во рок од неколку дена да останат и без досегашната германска помош, пишува АРД.

Германија уште кон крајот на минатата година имаше намера да заклучи различни програми за преселување на загрозените Авганистанци, но осум месеци подоцна процесот сè уште не е завршен. Според информациите на АРД, Министерството за внатрешни работи сега повторно им нуди пари на лицата кои ќе се согласат да ја напуштат програмата. Слична понуда беше упатена и во ноември минатата година.

Пари, сместување и грижа

Министерството за внатрешни работи потврди дека повторно се нуди „оперативна и финансиска поддршка“, која може да опфати враќање во Авганистан или заминување во трета земја.

Според хуманитарната организација Кабул Луфтбрике (Kabul Luftbrücke), од 31 август вакви понуди им се испратени на најмалку дванаесет семејства. Пакетот е предвиден за три месеци, а вклучува еднократна парична исплата, сместување, храна, како и медицинска и психосоцијална грижа во Авганистан.

Износот на еднократната помош зависи од големината на семејството. Самците би добиле 3.000 евра, додека за поголемите семејства износот може да достигне и до 16.000 евра. Услов е откажување од постапката за прием во Германија.

Во пораката што ја добило едно од семејствата се наведува дека подоцнежно враќање во постапката повеќе нема да биде можно. Рокот за одговор е пет дена, а на оние кои ќе ја одбијат понудата или нема да одговорат, германската помош во Пакистан би им престанала седум дена по истекот на рокот.

Берлин сака да затвори дел од програмите

Станува збор за лица на кои претходните германски влади им дадоа обврски за прием во рамките на неколку програми, меѓу кои се списокот за човекови права, преодната програма и постапката за локален персонал.

Новата германска влада, составена од ЦДУ/ЦСУ (CDU/CSU) и СПД (SPD), според коалицискиот договор повеќе не гледа политички интерес за продолжување на тие програми и настојува да ги повлече претходно дадените обврски. За разлика од нив, обврските од последователно покренатата Сојузна програма за прием се правно обврзувачки, освен ако не постојат безбедносни пречки.

Според податоците на Бундестагот, германската влада и претходно им нудела поддршка на лицата на кои обврските за прием веќе им биле повлечени, вклучувајќи ја можноста за останување во Пакистан, заминување во трета земја или враќање во Авганистан.

Точната бројка на луѓе кои сè уште чекаат на обработка на барањата германското Министерство за внатрешни работи повеќе не сака да ја објавува, повикувајќи се на „динамичната природа на бројките“. Наведува само дека неколку стотици луѓе во Пакистан, на кои обврските за прием им се откажани, и понатаму се наоѓаат под германска поддршка.

Организацијата Кабул Луфтбрике изнесува попрецизни податоци. Според нив, германската влада во моментов поддржува 543 лица, од кои 34 се во Кабул. Меѓу нив има 55 лица од списокот за човекови права, 253 од преодната програма, 27 од постапката за локален персонал и 208 од Сојузната програма за прием.

ИЗДВОЕНИ