Македонската музичка сцена од денес е побогата за уште една нова, возбудлива и неочекувана соработка: Пајак, Јован Јованов и Елвир Мекиќ ја промовираа песната „Делириум“.
„Делириум“ е само увертира за долгоочекуваниот концерт на Јован и Елвир во Скопје, кој ќе се одржи на 6 јуни, во арената „Борис Трајковски“, а на кој Пајак е најавен како еден од специјалните гости.
Песната е работена со добропознатиот и реномиран тим, кој работи на целиот албум на Пајак, а како автори се јавуваат Пајак, Јован Јованов, Иван Јованов, Таско и Елвир Мекиќ, додека видеото се снимаше на локација близу Скопје, во режија на Гордан Божиновски.
– По нашиот концерт, Пајак вади нов албум, а тој, Елвир и јас имаме заедничка песна – „Делириум“. Но, бидејќи нашиот концерт е наскоро, на 6 јуни, заедно решивме да ги изненадиме сите и да ја пуштиме песната сега. Од луѓето што ја слушнаа веќе имаме коментари дека е „заразна“ и дека веднаш влегува во уво, па се надевам дека кога ќе излеземе сите тројца на бина, и публиката ќе пее со нас – вели Јован.
За потсетување, на концертот, кој ќе се одржи на 6 јуни, публиката, покрај добропознатите хитови, ќе има можност премиерно да ја слушне и новата песна и да ги види заедно во живо тројцата музичари.
Освен Пајак, како гости се најавени и Тони Зен, Маја Саздановска, Адријан Гаџа, Слаѓа Делибашиќ и Џус, а како специјален гостин – долгогодишен соработник на Јован и Елвир.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со многу емоции, хитови и сценска продукција каква што ретко се гледа на домашната сцена.
За концертот е најавен и посебен дрескод – „Аll white“, односно се повикуваат сите посетители да бидат облечени во бело, со што и арената ќе добие уникатен визуелен изглед.












