Неверојатен инцидент го одбележа настапот на азербејџанскиот клуб Генџе во Купот на Европа на ФИБА, натпреварување на кое учествува и македонскиот шампион МЗТ Скопје.
Имено, петмина кошаркари на гостинскиот тим биле повредени откако лифт во хотелот во кој престојувале нагло пропаднал, но и покрај сериозниот настан, нивниот натпревар против турскиот Есенлер Ерокспор не бил одложен.
Според тврдењата на тренерот на Генџе, Мартин Кнежевиќ, лифтот паднал од висина од три ката. Несреќата се случила вечерта пред натпреварот во Истанбул, а неговите играчи, наместо да се подготвуваат за европскиот предизвик, морале да се справуваат со последиците од инцидентот.
- Моите момци паднаа од висина од три ката и можат да се сметаат за среќни што не се здобија со повреди што би им го промениле животот, изјави Кнежевиќ, нагласувајќи колку сериозна можела да биде ситуацијата.
И покрај повредите на петмина кошаркари, натпреварот се одигра според планираниот распоред. Есенлер Ерокспор ја искористи ситуацијата и славеше убедлива победа од 92:63, а вистинската заднина на тешкиот пораз на гостите беше откриена дури по завршувањето на средбата.
Кнежевиќ не го криеше револтот кон организацијата на натпреварувањето. Тој тврди дека Генџе побарал од ФИБА одложување на дуелот поради состојбата во која се наоѓал тимот, но барањето било одбиено. Според тренерот, неговите играчи немале ниту соодветни физички услови ниту доволно време да заздрават од шокот.
- Конечниот резултат не ме изненадува, со оглед на тоа што петмина од моите играчи беа повредени откако лифтот во хотелот пропадна претходната вечер. Да, токму во тој евтин хотел каде што нè смести Ерокспор, порача Кнежевиќ.
Тој дополнително ја критикуваше ФИБА поради одлуката натпреварот да се одигра, користејќи саркастичен тон во својата реакција.
- Благодарам до ФИБА што го игнорираше нашето барање за одложување бидејќи не го имавме на располагање целиот состав. Навистина сте најдобри, напиша тренерот, кој на располагање имаше ограничена ротација.
Случајот отвора сериозни прашања за безбедноста на условите во кои престојуваат гостинските екипи, но и за постапувањето при вакви непредвидени ситуации. Кнежевиќ го обвини турскиот клуб дека им обезбедил несоодветно сместување, но засега нема официјална реакција од Ерокспор на неговите тврдења.











