Меѓународниот ден на Ромите, денеска, во Шуто Оризари, беше одбележан со означување на почетокот на реконструкцијата на улицата „Брсјачка буна“, каде што присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа – Златко Перински, скопскиот градоначалник – Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Шуто Оризари – Курто Дудуш.
Како што нагласи градоначалникот Дудуш, за разлика од претходно, кога се одбележувал Светскиот ден на Ромите, 8 Април, со протести, незадоволство од реализираното на владите, сега се прави тоа со дела, односно со спроведување проекти, пуштање во употреба или започнување на реконструкција на улици.
Тој кажа дека во Шуто Оризари се реализираат 58 проекти во вредност од 4,5 милиони евра или близу 275 милиони денари.
– Да се надеваме дека ќе завршат тие проекти во следните четити години, ќе бидат сериозно сфатени и реализирани со помош од Владата – изјави Дудуш.
Ѓорѓиевски рече дека Град Скопје подготвува неколку проекти за подобрување на водоснабдувањето во оваа општина и оти ќе се започне со изградба на стадион, но и на културен дом, за кој Општина Шуто Оризари треба да донесе детален урбанистички план.
Премиерот Мицкоски им го честиташе празникот на Ромите и им посака здравје, среќа и успех.
– Денеска е ден кога треба да се потсетиме на сето она што сме го пропуштиле низ годините, децениите, во минатото, истото тоа да го препознаеме и во иднина да го реализираме. Но, сакаме да покажеме и дека оваа Влада ја препознава Општина Шуто Оризари и сака да помогнеме во делот на реализирање на инфраструктурните проекти –нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека, покрај проектите што се финансирани од првиот и вториот повик на Министерството за локална самоуправа, има и проекти што се реализираат и преку другите ресори на Владата, со што се потврдува дека постојат јасни планови за понатамошен развој на Општина Шуто Оризари.












