Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека се почнати испитувања на три нови позиции во Скопје, кои би биле алтернатива за изворот Рашче, и дека Владата, во соработка со Општина Јегуновце и Град Скопје, работи на отстранување на проблемот со дивата депонија со јаловина од поранешната фабрика „Југохром“, која се наоѓа над изворот. Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, информираше за весникот ВЕЧЕР дека пред две недели била презентирана студија на Министерството за животна средина со можни и изводливи решенија за депонијата. Комуналниот инспектор во Општината, Стојанче Антовски, појасни дека биле понудени повеќе решенија, меѓу кои три биле најизводливи. Најевтино и најбрзо решение би било да се направи бункер со заштитна мембрана, во непосредна близина на депонијата, каде што би се дислоцирала таа по протокол со заштита

 

Изворот Рашче, од кој се снабдува цело Скопје со вода за пиење, има повеќе вода отколку во изминатите 25 години. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, уверува дека ова лето, па и наредното, ќе немаме проблем со водата.

Воедно, тој најави дека се почнати испитувања на три нови позиции во Скопје, кои би биле алтернатива за изворот Рашче, и дека Владата, во соработка со Општина Јегуновце и Град Скопје, работи на отстранување на проблемот со дивата депонија со јаловина од поранешната фабрика „Југохром“, која се наоѓа над изворот.

– Во однос на изворот Рашче, сакам да истакнам дека се почнати испитувања на три нови позиции во градот Скопје, кои би значеле алтернатива за изворот Рашче. Тоа се пообемни операции што ќе се одвиваат во наредниот период, но се стратешки важни за водоснабдувањето на градот. Недопустливо е во изминатите 30-40 години да не се најде алтернатива. Засега нема опасност за Рашче, состојбата е стабилна – рече Ѓорѓиевски на последната седница на Советот на Град Скопје за советнички прашања.

Во однос на депонијата од поранешната фабрика „Јегуновце“, истакна дека ќе треба многу внимателно да се постапува таму.

– Животната средина е во центарот на целиот процес, а ние, како Град Скопје, се вклучуваме преку нашите служби и верувам дека ќе биде решен тој проблем во перспектива – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, информираше за весникот ВЕЧЕР дека пред две недели била презентирана студија на Министерството за животна средина со можни и изводливи решенија за депонијата.

Комуналниот инспектор во Општината, Стојанче Антовски, појасни дека биле понудени пет решенија, меѓу кои три биле најизводливи.

Најевтино и најбрзо решение би било да се направи бункер со заштитна мембрана во непосредна близина на депонијата, каде што би се дислоцирала таа по протокол со заштита.

– Во тој бункер, би немало опасност седумвалентниот хром, преку подземните води, да стигне до изворот Рашче. Воедно, би се зголемил и капацитетот на пречистителната станица – истакна Антовски.

Друга опција, која би била скапа и речиси неизводлива, би била да се дислоцира депонијата на Криволак. Третата опција била да се дислоцира во странство, како опасен отпад, а има опција депонијата да се дислоцира во селото Нераште, на оддалеченост од пет километри, но, според Антовски, населението не би се согласило со тоа.

Проблемот со депонијата повторно го актуализираа екологистите, укажувајќи на тоа дека таа може да го загади изворот Рашче и да ги остави скопјани без чиста вода за пиење. Посочуваат на ризикот дека шествалентниот хром од депонијата, преку подземните води, лесно може да стигне до изворот и да го загади до тој степен што нема да може да се користи ниту како техничка вода. Притоа, потенцираат дека Рашче е еден од ретките примери каде што има воспоставено заштита, но велат дека е факт оти подземните води комуницираат меѓу себе, поради што се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од „Југохром“ може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на вода за пиење.

На овој проблем укажуваа и од „Мен енд маунтен“, организатори на еколошката акција „Генералка викенд“. Според информациите со кои располагаат тие, еден мал земјотрес од максимум 3-4 степени може да направи расцеп на земјата и шествалентниот хром да навлезе директно во изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдуваат над 600.000 жители на градот.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ