Бројот на заболени од грип и со симптоми слични на грип во Македонија продолжува да расте. Во текот на минатата недела, од 16 до 22 ноември, биле пријавени 188 случаи, што е за 22,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела, кога биле евидентирани 154 заболени. Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, бројот на заболени е двојно поголем во споредба со тој период лани, кога биле регистрирани 91 случај. Од почетокот на сезоната, вкупно 797 лица се разболеле од грип или имале симптоми слични на оваа болест.
Најмногу нови случаи минатата недела имало во Скопје, каде што биле пријавени 40 заболени, а потоа следуваат Куманово со 32 и Дебар и Радовиш со по 17 случаи. Има заболени и во Тетово, Охрид, Прилеп, Струга и во други градови. Најголем дел од заболените се возрасни лица од 15 до 64 години – 113 случаи. Регистрирани се и 29 заболени над 65 години, 28 деца на возраст од 5 до 14 години и 18 деца до четири години.
Иако расте бројот на заболени, Институтот за јавно здравје оценува дека засега грипот е со ниска сезонска активност на национално ниво. Сепак, вирусот веќе се шири во повеќе региони во земјава. Лабораториските анализи потврдиле грип кај 17 од 71 испитан примерок во текот на неделата. Во шест примероци бил откриен коронавирус, додека немало позитивни резултати за РСВ, вирус што најчесто предизвикува инфекции на дишните патишта. Од почетокот на сезоната, лабораториски е потврден грип кај 39 лица, а коронавирус кај 17.
Во тек е и вакцинацијата против сезонски грип. Досега се вакцинирани 33.594 лица од групите за кои се обезбедени бесплатни вакцини. Станува збор за лицата над 65 години, децата на возраст од шест месеци до пет години, лицата со хронични заболувања, бремените жени и за здравствените работници. Од Институтот препорачуваат редовно миење на рацете, проветрување на просториите и избегнување близок контакт со лица што имаат температура, кашлаат или киваат. На оние што ќе се разболат им се советува да останат дома, да одмораат и да избегнуваат контакти со други луѓе за да не го шират вирусот. Лицата над 65 години и оние со хронични заболувања треба да побараат лекарска помош, особено ако се влошуваат симптомите или траат повеќе денови.
Се очекува бројот на заболени да порасне во текот на следната недела, за кога се очекуваат студ и температури под нулата. Пикот, според лекарите, е предвиден за крајот на јануари и почетокот на февруари. (П. А.)












