Скопје доби два нови Центри од кои едниот е за поддршка на лица со дијабетес, додека другиот за лица со церебрална парализа – две значајни простори кои ќе значат директна помош, советување, едукација, дружење, психо-социјална поддршка и секојдневна грижа за оние на кои тоа им е најпотребно.
-Ова се нови места на надеж. Места каде што секој човек треба да се почувствува прифатен, разбран, почитуван и никогаш оставен сам. Како Град Скопје, наша најголема обврска е да бидеме блиску до луѓето. Да ги слушаме нивните потреби. Да ги разбираме нивните борби. Да создаваме решенија кои не остануваат само на хартија, туку носат вистинска промена во секојдневието – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека, заедно со луѓето од неговиот кабинет, со сопствени средства финансирале клупче за лицата со церебрална парализа каде тие имаа свој простор, свој агол, свое место за средба, разговор и човечка топлина.
При тоа, се заблагодари на сите кои биле дел од оваа иницијатива, а посебно до госпоѓа Рози Мицкоска.
-Иако е скромна и не сака да го истакнува тоа, токму таа го опреми овој простор и даде огромен личен придонес денес овие центри да изгледаат достоинствено, топло и човечки – нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека лицата со дијабетес, лицата со церебрална парализа и нивните семејства заслужуваат системска, континуирана и вистинска поддршка.












