-Струшките вечери на поезијата, поетски дом, кој веќе 65 лета поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална Струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот. Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика, истакна вечерва од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, прогласувајќи ги за отворени јубилејните 65. Струшки вечери на поезијата.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пак, посочи дека поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест.
-Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себе си, истакна Љутков.
Годинашното јубилејно 65. издание на најпрестижната поетска манифестација, „Струшки вечери на поезијата“, кое ќе се одржи од 24 до 29 јуни, е под мотото „Каде што живее поeзијата“. Околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство имаат единствена можност да творат, да се инспирираат и да создаваат нови стихови покрај брегот на Охридското Езеро и водите на реката Црн Дрим, во амбиент што со децении ги обединува поетите и љубителите на литературата од сите меридијани.
Покрај лауреатот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, британскиот поет Даниел Хајндс, како и добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ Јулијана Величковска, на јубилејното фестивалско издание ќе учествуваат еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија…












