Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, во своето 17. издание, беше отворен вчеравечер, со традиционалниот поздрав со кромид в рака од екипата кон публиката, која го исполни објектот Куршумли ан до последното место. Пред почетокот на филмската програма се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков во име на целата екипа на „Македокс“.
– Од 20 до 27 август, повторно сме заедно под мотото „Само сонот е стварност“. Можеби звучи како бегство од реалноста, но, за нас, е токму спротивното. Соништата се тие што нè тераат да ја менуваме реалноста – да создаваме, да истражуваме, да се поврзуваме и да веруваме дека може нештата да бидат поинакви. А што е филмот, ако не сон што некој успеал да го претвори во стварност на платното? Ова мото годинава има и едно посебно значење за нас. „Само сонот е стварност“ е наслов на книга на една од нашите најзначајни филмски критичарки и филмолози – Илинденка Петрушева, нашата Бабе – посочи Набаков.
На неговите зборови се надоврза Сара Ферро.
– Тоа што мојата баба Илинденка сите ја викаат Бабе не е случајност, тоа зборува за нејзината широка душа и за нејзиното несебично споделување на своето знаење со сите луѓе, а особено со младите што почнуваат да се занимаваат со култура и со филм. Бабе беше еден од најголемите поборници и поддржувачи на овој фестивал. Нејзината љубов и младешката жар кон културата, филмот, архивите, критиката и, пред сѐ, нејзината вечна љубов кон киното, е неверојатна и уникатна инспирација и нешто што ни го вкорени на сите. Иако таа денес гледа филмови на друго место, во некои вечни киносали, вредностите што ни ги остави ќе продолжат да живеат во нас и да ни бидат водечка сила за достојно да ја продолжиме нејзината мисија. Документарниот филм е живо сведоштво за времето во кое живееме, за луѓето околу нас и за вистините што понекогаш најдобро ги гледаме токму кога ќе се изгаснат светлата и ќе се запали платното. Нашата мисија е платното и приказните што ви ги носиме да останат достапни за што повеќе луѓе – рече Ферро.
Филмската програма почна со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Приказната во филмот „Кон запад, во Запата“ се одвива во оддалечените мочуришта на Запата во Куба, каде што се борат Ланди и Мерцедес да го израснат својот син среде економски колапс и сè поголеми општествени немири. Принудени на болни разделби и на тешки одлуки, тие се обидуваат да го зачуваат своето семејство. Филмот е интимен портрет на истрајноста, љубовта и на цената на опстанокот.
Фестивалот „Македокс“ ќе се одржува до 27 август, во Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и во Албанскиот театар во Скопје.












