Српскиот филм „Три недели потоа“ на Мирослав Терзиќ на 14 октомври, во киното „Фросина“, ќе го отвори 11. издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Остварувањето е моќна социјална драма, преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општество, кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чии последици се и најранливите, младите, средношколците. Според режисерот Терзиќ, тема на филмот не е булингот, туку насилството кое станува јазик на експресија, јазик на изразување и на комуникација помеѓу младите, а со што се соочува и македонското општество

Српскиот филм „Три недели потоа“ на Мирослав Терзиќ го отвора 11. издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, кое годинава ќе се одржи од 14 до 17 октомври, во Скопје. Филмот, инспириран од вистински настани, следи група средношколци чија екскурзија добива вознемирувачки пресврт откако ќе останат заглавени во оддалечен планински хотел, каде што неодамнешно самоубиство на еден од нивните соученици повторно ги враќа на површина тагата и скриените тензии.

Како што истакна на денешната прес-конференција, Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“, филмот на отворањето, кој ќе биде дел и од главната натпреварувачка програма, е за самоубиство на млад човек, по бројни ситуации на малтретирање и насилство и е настанат како реакција на една голема трагедија што се случила во Белград. Остварувањето, кое ќе се прикаже на 14 октомври, во киното „Фросина“, е моќна социјална драма, преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општество, кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чии последици, меѓу другото, се и најранливите, оние што треба да ја носат светлата иднина на едно општество, младите, средношколците. Според режисерот Терзиќ, како што истакна Јовановиќ, тема на филмот не е булингот, туку насилството кое станува јазик на експресија, јазик на изразување и на комуникација помеѓу младите, а со што се соочува и македонското општество.

– „Киненова“, фестивалот посветен на првите дебитантски остварувања, оваа година ја почнува втората деценија од своето постоење и под мотото „На прво светло“, што значи „на првиот зрак светлина, животот го доживуваме најинтензивно“. Без маски и калкулации, најинстинктивно и интуитивно како што ја доживуваме и филмската уметност, гледајќи, но чувствувајќи преку срцето – рече Јовановиќ.

Тој додаде дека во свет на меѓуетнички и меѓуверски драматични судири и на раб на глобална војна, фестивалот, преку силни филмски дела и авторски гласови, има одговорност да поттикне дијалог и да ја подигне свеста.

– „Киненова“ го докажува тоа преку носењето сериозни и ангажирани филмови. Во главната програма се шест исклучителни остварувања, кои гласно зборуваат за ранливите групи луѓе, а главна тема на фестивалот е насилството помеѓу младите – истакна Јовановиќ.

Притоа, освен „Три недели потоа“, во главната натпреварувачка програма се и: турскиот филм „Во сенка“ на Салем Салавати, за дете со Даунов синдром што минува низ пубертет; палестинскиот „Вчера моите очи не заспаа“ на Ракан Мајаси, кој зборува за општество во кое сè уште постои крвна одмазда и каде што ќе бидат жртвувани две жени, односно ќе се искористат како размена поради една сообраќајна несреќа; „Курак“ на Ерке Џумакаево, филм на киргистанската кинематографија, кој произлегува од протестот на млади жени што се репресирани во ова општество и бугарскиот филм „Чевлите на мојот татко“ на Христо Симеонов, кој е за машко-женските односи и за ранливоста на жените во тоа општество.

Сцена од „Фантази“

– Фестивалот го затвораме со словенечкото остварување „Фантази“ на Кукла Кешеровиќ, за млади девојки во балканските општества што тешко може да се пронајдат себеси во лавиринтот на нејасни вредности во локалните заедници, филм што е копродукција со Македонија – додаде Јовановиќ.

Како што посочи, пак, уметничкиот директор на фестивалот, Гена Теодосиевска, на ова издание на „Кинанова“ ќе има референтни автори и искрени филмски стории, моќни гласови.

– Ние сме единствен фестивал во Македонија што им е посветен на младите, смели автори, кои не се плашат да ги отворат најгорливите и најтешки прашања или, пак, да ги дадат најнеочекуваните одговори преку својот филмски јазик. „Кинанова“ излегува од формалната македонска фестивалска шема и макотрпно се избори за своето место на европската и на меѓународната фестивалска мапа на фестивали на новиот авторски филм. Иако, за жал, со многу скромни средства, што значи повеќе потценети отколку вистински валоризирани, годинашниот буџет на фестивалот е понижувачки за сите нас што со години сме биле дел од организацијата и за промоторите на вистинските филмски вредности – додаде Теодосиевска, истакнувајќи дека не е лесно да се добие публика за дебитантски филмови, за автори што почнуваат да ја препознаваат својата творечка сила, а многу полесно на блокбастери и на веќе етаблирани филмови.

Истакна дека „Киненова“ во последниве десетина години, преку своите строги правила и висококвалитетната програма ги добила лиценците за директна квалификација на филмовите од својата главна натпреварувачка програма за Европските филмски награди, за „Оскар“, а годинава и за БАФТА-наградите.

Додаде и дека, како резултат на соработката со еден од двата најреферентни фестивали на краткиот метар во Европа – филмскиот фестивал во Драма, Грција, на ова издание на „Киненова“ ќе има со 6 кратки филма под името „Драма патува на Кинанова“.

Инаку, по отворањето на фестивалот во киното „Фросина“, целата програма ќе се одвива во Општината Кисела Вода.

– Радува фактот што по свеченото отворање, фестивалската програма се сели токму на наша територија, во Општина Кисела Вода. Денес во Општината успешно функционираат две киносали, една во Кисела Вода и друга во Домот на културата во Драчево, отворена пред неколку месеци. Ова ни овозможува да направиме вистинска децентрализација и ширење на уметноста, а нашите жители добиваат ексклузивна можност да проследат врвни културни настани во своето непосредно опкружување – рече градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и работилницата „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на македонската режисерка Марија Џиџева.

– Работилницата е на тема „Насилството помеѓу децата и младите: врсничко насилство, булинг, кибербулинг…“ Таа е наменета за децата од основно училиште, кои популарно се алфа-генерација, родени со технологија и токму таа придонесува за алармантно зголемување на насилството помеѓу младите. На работилницата, во три дена, преку кратки филмски лекции, ќе се поминат сите фази на филмското изразување – од идеја, сценарио, снимање и монтажа. Ќе се работи тимски да се создадат неколку кратки филмски форми каде што ќе го чуеме гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи, како ја доживуваат оваа проблематика, која, за жал, е секојдневие за овие генерации – рече Џиџева.

Додаде дека работилницата има цел на еден креативен начин да ги запознае децата што се родени со телефоните како паметно да се користат, како да почнат да размислуваат што е филмска уметност, како да ги изразат своите идеи на еден аудиовизуелен начин и како да го користат телефонот како алатка за да го направат светот подобро место за живеење.

Емин Алпер

Во чест на годинашниот лауреат на „Киненова“, турскиот режисер, сценарист, актер, историчар и добитник на „Сребрена мечка“, Емин Алпер, ќе се прикаже неговиот прв долгометражен игран филм, „Зад ридот“, кој во 2012 година се закити со бројни награди, меѓу кои и на Берлинале, Сараево, Карлови Вари. Земја во фокус годинава на „Киненова“ е Албанија, а публиката ќе може да ги проследи филмовите „Засолниште меѓу облаците“ на Роберт Будина, „Напуштајќи го рајот“ на Генц Пермети и „Танцувајќи со облаците“ на Плутон Васи.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и од Општина Кисела Вода. (Н. И. Т.) Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ