Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја освои наградата за најдобар меѓународен долгометражен филм на јубилејното 10. издание на Меѓународниот фестивал за детски и младински филм Калибелула кој од 28 септември до 2 октомври се одржа во Кали, Колумбија.

Победниците ги избираше жири составено од деца и млади, учесници во фестивалската програма посветена на развивање на критичкото размислување и филмската писменост, а македонскиот анимиран филм беше во конкуренција со десетина други анимирани и играни остварувања.

Фестивалот Калибелула е посветен на филмови кои кај децата и младите ги поттикнуваат креативноста, критичкото размислување, различноста, соживотот и одговорниот однос кон животната средина. Значаен дел од фестивалот е неговата едукативна програма, насочена кон развој на филмската култура кај најмладата публика.

Прикажувањето на Калибелула беше колумбиска премиера и десетта фестивалска презентација на „Јон Вардар против галаксијата“ во Латинска Америка. Филмот беше дел и од програмите на некои од најголемите латиноамерикански филмски фестивали, меѓу кои Меѓународниот филмски фестивал во Сао Паоло и Фестивалот за независни филмови во Буенос Ајрес – БАФИЦИ.

За наградата извести и колумбискиот весник „Ел Паис“, значаен медиум со повеќе од 75 години традиција.

„Јон Вардар против галаксијата“ е првиот македонски долгометражен анимиран филм. Неговата меѓународна фестивалска турнеја започна со светската премиера на фестивалот Ситџес во Шпанија, по што филмот беше прикажан на речиси 50 фестивали на сите континенти.

Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

ИЗДВОЕНИ