Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно побарал од шефот на Мосад да подготви таен напад врз Иран, без знаење на владата или војската, откако наишол на противење од страна на началникот на Генералштабот, пренесува „Вашингтон пост“.
Според весникот, началникот на Генералштабот, Ејал Замир, се спротивставил на влегување во војна, стравувајќи дека тоа би можело да ги наруши закажаните избори.
Извори тврдат дека Нетанјаху му дал насоки на шефот на Мосад, Роман Гофман, да продолжи со подготовките за тајна операција во Иран, без притоа да ги извести владата или началникот на Генералштабот. Деталите за планот остануваат непознати. Други израелски безбедносни претставници, вклучително и Замир, дознале за планот пред тој да биде спроведен.
За плановите во кои се вклучени Нетанјаху и Гофман претходно извести израелската телевизија „Канал 12“.
Еден израелски безбедносен претставник ги отфрли овие наводи, нарекувајќи ги „лажно обвинување“, додека кабинетот на Нетанјаху не одговори на барањето за коментар од „Вашингтон пост“.
Стравувања од нова војна за време на формирањето влада
Според „Вашингтон пост“, опозицијата и одредени кругови во безбедносниот апарат стравуваат дека Нетанјаху – кој во тоа време ја извршуваше функцијата премиер во технички мандат – би можел да ја искористи воената криза за да ги подобри своите политички изгледи.
Неговиот главен ривал, поранешниот началник на Генералштабот Гади Ајзенкот, е задолжен за формирање нова влада, со краен рок до 20 декември. Некои од поддржувачите на Нетанјаху веруваат дека повторното избивање војна би можело да го принуди Ајзенкот да се приклучи кон влада на национално единство, во која Нетанјаху би останал премиер.
Блокот на Ајзенкот освои 48 пратенички места, додека за мнозинство во Кнесетот се потребни 61. Засега, тој ја отфрла можноста да се приклучи кон влада предводена од Нетанјаху.












