
Потпретседателот Џ.Д. Венс пристигна во Белата куќа на состаноци, објави Си-Ен-Ен, откако претходно „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски функционер, објави дека неговото патување е одложено.
Си-Ен-Ен објави дека се очекувало Венс да отпатува за Исламабад наутро, но дека плановите се промениле.
И Би-Би-Си објави, повикувајќи се на ирански извори, дека иранска делегација е подготвена да преговара со Вашингтон, но дека сè се променило откако САД отвориле оган врз товарен брод под иранско знаме.
Пакистанскиот министер за информации, Аталах Тарар, изјави дека Иран сè уште чека официјален одговор за тоа дали ќе присуствува на следната рунда разговори со САД во Исламабад.
Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во понеделник изјави дека земјите од Европската унија се согласиле да ги прошират санкциите кон Иран за да ги вклучат и оние одговорни за блокадата на Ормутскиот теснец.
Калас додаде дека на состанокот на министрите за надворешни работи во Луксембург повикала на зајакнување на поморската мисија на ЕУ на Блискиот Исток, која моментално ги штити бродовите од нападите на јеменските бунтовници Хути во Црвеното Море, објави Ројтерс.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека испраќа делегација во Исламабад, Пакистан, на разговори закажани за вечерва. Белата куќа соопшти дека во тимот се вклучени американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, специјалниот претставник Стив Виткоф и советникот на Белата куќа, Џаред Кушнер. Од друга страна, иранските претставници велат дека во моментов „немаат планови за следната рунда“ разговори во Исламабад и дека нема да преговараат под „сенката на заканите“.
Трамп изјави дека блокадата на иранските пристаништа ќе остане на сила сè додека Техеран не постигне договор.











