Нема да се дозволи колапс на државните и на општинските јавни претпријатија во однос на опасноста нивните сметки да станат отворени за принудна наплата на побарувањата што ги имаат надворешните лица. Ваков е ставот на премиерот Христијан Мицкоски и на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, околу можноста да се предизвика блокада на работењето на овие витални државни и општински претпријатија откако уставните судии поведоа постапка за оцена на членот 218 од Законот за извршување. До ова дојде откако судиите застанаа на ставот дека уставно крајно проблематично е од сметките на овие претпријатија да не може да се врши принудна наплата на побарувањата што од нив ги имаат другите фирми и физички лица. Деновиве, и самиот Костадиновски јавно изјави дека нивната одлука може да предизвика „тектонски поместувања“, но и дека постоењето на таквите законски норми предизвикува сериозни проблеми во владеењето на правото, бидејќи институциите можат со години да не ги плаќаат долговите.
Судиите во блиска иднина треба да донесат конечна одлука, која, се чини, ќе треба да води сметка за задоволувањето на правата на барателите на долгови, но и да се обезбеди функционирањето на виталните комунални и други претпријатија. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по вчерашниот престој во Уставниот суд, одговори на новинарското прашање на весникот ВЕЧЕР и рече дека, како Влада, се свесни за сериозноста на проблемот што би можел да настане. Тој откри и дека се огромни долговите на државни и на општински претпријатија и дека достигнуваат дури и до една милијада евра.
– Сега го имаме предизвикот со членот 218 од Законот за извршување. Не сакам да коментирам за да не бидам сфатен дека влијаам врз одлучувањето на Судот. Но, секако дека сме свесни и тоа се некаде „долговите“ што се околу 700 до една милијарда евра. Тоа се долгови од минатото. Тоа е еден од сериозните проблеми кои се пред нас и кои ќе треба да го решиме. Ние имаме план и ќе го решиме тоа – изјави денеска Мицкоски.
Тој додаде дека тоа е еден од рецидивите од минатото, а кои, како Влада, ги решаваат веќе половина од мандатот. Наведе дека сега треба да се враќаат средствата по основ на солидарен данок, како и долговите од претходната Влада, во висина од 2,5 милијарди евра, во текот на оваа година.
– Затоа е многу лош концептот на државата да нема одговорност. Се однесувале девијантно, се однесувале насилнички, создавале проблеми, завршиле со мандатот и нема никаква одговорност. И сега некој друг треба да ги решава тие проблеми и треба да плаќа сметка за тоа – рече Мицкоски.
Првиот човек на Уставниот суд, кој деновиве изјавуваше дека мора да се обезбеди владеењето на правото и правата на оние што ги побаруваат долговите бидејќи тие се нивни имот, вчера настапи со поомекнат став.
– Премиерот го кажа она што во теорија се вика теорија на жив конституционализам, односно толкување на уставните норми низ призмата на тоа што се вика наша реалност. Не може Уставниот суд или кој било уставен судија да се однесува аутистички, како да не гледаме што се случува или какви се последиците од нашите одлуки. Нашата должност е таа и тоа е преточено и во акт, норма. При носењето на одлуките, уставните судии се должни да ги земат предвид сите околности што ќе значи нашата одлука за владеењето на правото, за правната држава, за правната сигурност, за правата на граѓаните. Исправени сме пред тешки предмети, имаме рецидиви од минатото и неисплатени побарувања. Тие 700 милиони евра не се направени за еден месец, една година, се таложеле. Секако дека ќе ги имаме предвид овие околности. И во никој случај, го кажувам ова како личен став, не би поддржал одлука што би довела до колапс и банкрот на државата – потенцира првиот човек на Уставниот суд. (Б. Ѓ.)












