Владко Грозданов, градоначалник на Општина Кочани, преку видеообраќање информираше за преземените активностите во врска со отстранувањето на бесправно изградените објекти на јавна површина пред угостителските објекти во трговскиот центар – блок А во Кочани.
Тој нагласи дека се спроведува законот на мирен, културен начин, заеднички, односно сопствениците на пицериите и кафетериите во трговскиот центар во Кочани започнале со отстранување на бесправно доградените делови од јавните површини, во согласност со законот и договорените рокови и обврски што ги утврдиле заеднички, на состаноците на почетокот од годината.
– Нивниот одговорен пристап е позитивен пример за почитување на законите и за заедничката грижа за јавниот простор. Со овие активности, обезбедуваме поголема безбедност, сигурност и проодност, што е најважно за безбедно движење на граѓаните. Јавните површини мора да бидат достапни и функционални за сите: за пешаците, родителите со деца, повозрасните лица и лицата со попреченост – наведе Грозданов пред граѓаните на Кочани.
Притоа, додаде дека истите обврски, стандарди се применуваат за сите угостителски објекти на територијата на Општина Кочани.
– Нашата цел е уреден, безбеден и современ град во кој јавниот простор е во служба на граѓаните – дециден е Грозданов.
Отстранувањето на бесправно изградените објекти на јавни површини од страна на угостителите од катот на трговскиот центар – блок А во Кочани е последица на договорот меѓу градоначалникот Грозданов и самите угостители, од јануари оваа година.












