Според Катица Станковска-Ристовска, раководителка на подружницата на ЈП „Национални шуми“ – Куманово, клучен проблем е што дел од тие површини се приватни парцели, додека други се класифицирани како пасишта. Таа објаснува дека тоа создава правна бариера, бидејќи институциите задолжени за шуми не можат да интервенираат на такви терени без соодветна промена на нивниот статус или координација со други субјекти. Пасиштата се под управување на друго јавно претпријатие, што значи дека секоја иницијатива за пошумување мора да биде резултат на меѓуинституционална соработка

 

Кумановската подружница на ЈП „Национални шуми“ ќе почне со опсервација на површните во поширокиот Кумановски Регион и ќе ја утврди нивната сопственост.

Онаму каде што дел од површините се во сопственост на друго претпријатие, ќе се разговара за надминување на административните бариери и дозволи за да може да се изврши пошумување.

– Проблемот со „непошумените“ и „оголените“ површини во Кумановскиот Регион, за кои реагираат граѓаните, не е едноставно прашање на неактивност или негрижа од страна на институциите, туку сложен системски предизвик поврзан со сопственоста на земјиштето и со законските ингеренции. Ова укажува дека значителен дел од површините што јавноста ги перципира како погодни за пошумување, всушност, не се под надлежност на институциите задолжени за шуми – изјави раководителката на подружницата, Катица Станковска-Ристовска.

Според неа, клучниот проблем е што дел од тие површини се приватни парцели, додека други се класифицирани како пасишта. Таа објаснува дека тоа создава правна бариера, бидејќи институциите задолжени за шуми не можат да интервенираат на такви терени без соодветна промена на нивниот статус или координација со други субјекти. Пасиштата се под управување на друго јавно претпријатие, што значи дека секоја иницијатива за пошумување мора да биде резултат на меѓуинституционална соработка.

– Во Кумановскиот Регион имаме сериозен проблем со т.н оголени површини. Граѓаните реагираат и бараат пошумување на некои ридишта, површини, но мора да потенцираме дека дел од тие површини се во приватна сопственост, дел се пасишта. Ние, како претпријатие, не можеме да пошумуваме на пасиштата. Се надевам дека во догледно време ќе биде решен овој проблем за кој реагираат граѓаните, во координација со ЈП „Национални шуми“ и ЈП „Пасишта“ – изјави Станковска-Ристовска.

Таа наведе дека со пошумувањето се намалува ризикот од пожари, бидејќи токму на таквите површини има висока трева, која често е зафатена од пожари.

За тековната година се предвидени подготовки за есенско пошумување на опожарените површини во реонот на селото Стрезовце. Паралелно ќе се спроведуваат и контроли на претходно насадените садници за да се утврди нивната долгорочна успешност. Најдобар начин да се обноват шумите е активното пошумување.

ИЗДВОЕНИ