Откако една девојка од Куманово беше приморана јавно да ја раскаже својата семејна драма, со сите приватни детали за стравот и безизлезноста во која живеела со својот агресивен татко, дури тогаш институциите најдоа решение за случајот.
Во своето видео-обраќање, жената раскажа дека со години живее во страв поради својот татко, кој, според нејзините тврдења, има проблеми со алкохол и дијагностицирани психички нарушувања. Таа посочи дека во домот живеат три жени и нејзиниот брат со церебрална парализа, кој, како што вели, исто така бил изложен на трауматични ситуации.
„Не знам во кој век живееме, но ова лудило и оваа агонија мора да престанат. Имам брат со церебрална парализа кој живее со нас и ги има преживеано сите овие трауми“, порача таа.
Според нејзиното сведоштво, семејството повеќепати се обидувало да добие институционална помош, но наидувале на проблеми при обезбедување соодветно лекување и сместување.
По реакцијата во јавноста, од Секторот за внатрешни работи Куманово информираа дека случајот е познат и дека се преземаат мерки во координација со Основното јавно обвинителство и други надлежни институции.
Лицето се спроведува во Психијатриската болница Демир Хисар, а по претходно добиено решение од Основниот суд Куманово“, соопштија од СВР Куманово.











