Галичник уште еднаш ја претвори македонската традиција во најубавата свадбена приказна, а Александар Пендароски и Мартина Михајлова станаа новото лице на обичај што 35 години ги поврзува генерациите од современата Галичка свадба. Нивниот избор има и силна симболика, бидејќи пред 35 години, во 1991, пред олтарот на галичката црква „Св. апостоли Петар и Павле“ застанале и родителите на Александар. Викендов, додека тапаните и зурлите низ планината ги разлеваа препознатливите свадбарски звуци, Галичник уште еднаш докажа дека традицијата не е само спомен од минатото, туку приказна која живее и продолжува гордо да се раскажува. Токму затоа, годинашната Галичка свадба е уште еден доказ дека манифестацијата е мост меѓу минатото и сегашноста, сведоштво дека традицијата продолжува да живее и да се пренесува преку новите поколенија
Во прегратките на раскошната Бистра, каде што камените галички куќи, калдрмата и свежиот планински ветер сè уште ја раскажуваат приказната за едно минато време, вчера, на Петровден, повторно оживеа една од најубавите и највпечатливите македонски свадбени традиции – „Галичка свадба 2026“. Во центарот на годинашната приказна се младоженците Александар Пендароски и Мартина Михајлова, кои ја имаа таа чест да станат дел од традицијата што со децении ги обединува генерациите. Нивниот избор има и силна симболика, бидејќи пред 35 години, во 1991, пред олтарот на галичката црква „Св. апостоли Петар и Павле“, застанале родителите на Александар. Токму затоа, годинешната Галичка свадба е уште еден доказ дека манифестацијата е мост меѓу минатото и сегашноста, сведоштво дека традицијата продолжува да живее и да се пренесува преку новите поколенија.

А Галичник, ова живописно планинско село и годинава пулсираше во ритамот на вековните свадбарски обичаи, а секој негов сокак беше исполнет со звуците на изворната песна, гордите чекори на традиционалните ора и раскошот на автентичните мијачки носии.

Од 10 до 12 јули, Галичник повторно беше духовен дом на македонската традиција, привлекувајќи илјадници посетители од земјава и од странство, желни да бидат дел од едно несекојдневно и незаборавно доживување.

Галичката свадба и овој пат, како впрочем и децении претходно, не беше само културна манифестација, туку жив музеј под отворено небо, свечена прослава на идентитетот и моќен симбол на истрајноста на македонското културно наследство.

Секој камен, секоја куќа и секој поглед кон планинските височини раскажуваа приказна за народ што со љубов го чува своето наследство, а во секоја песна, во секое оро, во секој извезен детаљ на носијата и во секој свадбарски обичај можеа да се препознаат векови историја, љубов и почит кон корените.

Токму затоа Галичката свадба и понатаму останува едно од највпечатливите културни случувања во Македонија – манифестација која не само што ги негува старите македонски обичаи туку и ја пренесува нивната убавина и вредност на идните поколенија.
И додека тапаните и зурлите низ планината ги разлеваа препознатливите свадбарски звуци, Галичник уште еднаш докажа дека традицијата не е само спомен од минатото туку и приказна која живее и продолжува гордо да се раскажува.

Генерален покровител на „Галичка свадба 2026“ е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а Министерството за култура и туризам и годинава ја обезбеди финансиската поддршка за одржувањето на манифестацијата.
Инаку, Галичка свадба е заштитено како нематеријално културно наследство од особено значење. (Д. Т.)
ФОТО: П. СТОЈАНОВСКИ












