Додека за половина од македонските домаќинства летувањето станува луксуз, Дојран нуди можност за семеен одмор по достапни цени. Сепак, туристичкиот потенцијал на местото останува недоволно искористен – потребни се подобра промоција, повеќе содржини и организиран пристап за развој на дестинацијата

 

Летувањето, за голем број македонски семејства, станува сè потешко достижно. Зголемувањето на трошоците за живот, ниските приходи и зголемените цени на туристичките услуги, доведуваат до тоа многу граѓани да не можат да си дозволат ниту една недела одмор. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека бројките се загрижувачки и дека голем дел од работниците, и покрај правото на годишен одмор и регрес за годишен одмор – К-15, немаат финансиска можност да отпатуваат.

– Во синдикалната минимална кошница е предвиден трошок за седум ноќевања во Дојран, но повеќе од половина од македонските работници не можат да си го дозволат ниту тоа. Потребен е пораст на платите за граѓаните да можат да си овозможат пристоен одмор за себе и за своите семејства, велат од ССМ.

Од синдикатот посочуваат дека реалниот број на оние што можат да си дозволат летување е уште помал, бидејќи дел од семејствата одат на одмор со задолжување или плаќање на рати.

– Практично, само дел од граѓаните можат вистински да си дозволат годишен одмор. Многумина користат кредити или плаќаат на рати, а средствата од К-15 најчесто се исплаќаат кон крајот на годината и веќе се потрошени за други потреби, како огрев, зимница и сметки. Со овие примања, многу работници можат да си дозволат само краток излет или дневен престој, а не вистинско летување, велат од ССМ.

Во такви услови, Дојран се издвојува како една од ретките домашни дестинации каде што може да се организира летување со понизок буџет.

Во автокампот „Партизан“ велат дека цените се далеку од најскапите туристички места, но сепак интересот не е на нивото што се очекува.

– За едно семејство, седум дена во бунгалов во Дојран чинат околу 10.000 денари. Бунгаловите имаат основни услови за пристоен престој – бања со туш и фрижидер. Уште поевтина варијанта е кампувањето, каде што седумдневниот престој чини околу 6.000 денари, велат од автокампот.

Дополнително, според нив, и храната може да се организира економично.

– Во кампот има бифе каде што три оброци дневно – појадок, ручек и вечера – чинат околу 700 денари. Тоа е опција за оние што сакаат евтин семеен одмор, додаваат од автокампот.

И покрај пристапните цени, Дојран во текот на работните денови често изгледа празно. Викендите носат повеќе гости од околните градови, но во главниот туристички период, во јули и август, бројот на туристи не е како што би се очекувало.

Според туристичките работници, проблемот не е само во цените. Велат дека Дојран има што да понуди, но му недостига подобра организација и силна туристичка приказна. Дестинацијата располага со езеро, мирна атмосфера, традиционална храна, локални производители и можност за одмор без големи трошоци. За разлика од некои други туристички места, посетителите не се принудени да плаќаат скапи лежалки или дополнителни услуги, туку можат да изберат поедноставен и поевтин престој.

– Потенцијалот сам по себе не е доволен. Потребен е системски пристап – подобра промоција, официјален регистар на сместувачки капацитети, јасни критериуми за квалитет и повеќе туристички содржини. Еден од проблемите е што голем дел од приватното сместување не е доволно видливо за туристите. Многу апартмани не се присутни на големите платформи за резервации, па гостите сè уште бараат сместување на традиционален начин – преку телефонски контакти и препораки, велат познавачите на состојбите во туризмот.

Тие сметаат дека општината треба повеќе да се вклучи во создавање туристичка трговска марка за Дојран – со промоција на природните вредности, историјата, традицијата и локалната гастрономија.

На местото му недостигаат и дополнителни содржини кои би ги привлекле различните категории туристи. Спортски настани, културни манифестации, летни фестивали, презентација на старата рибарска традиција и подобро искористување на историското наследство можат да бидат дел од новата туристичка понуда.

Посебен предизвик е и перцепцијата за езерото. Често се шират информации дека водата не е чиста или дека Дојран нема што да понуди, но локалните жители сметаат дека станува збор за предрасуди кои ја нарушуваат сликата за местото.

Дојран не е дестинација за масовен туризам и бучен ноќен живот. Неговата предност е токму во мирот, природата, домашната храна и можноста за достапен семеен одмор. Во време кога за многу граѓани летувањето станува привилегија, Дојран останува една од ретките опции каде што седум дена одмор може да се организира и со помалку од 200 евра. Но, за ова место повторно да стане посакувана туристичка дестинација, потребно е повеќе од ниски цени – потребна е визија и подобра организација.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ