Битка за одбраната на правото да можат да го користат црвеното знаме со ѕвездата од Кутлеш, деновиве, водат македонските иселеници во Австралија кои денеска го бојкотираа фестивалот „Мумба“ 2026 во австралискиот град Мелбурн. Македонски фолклорни игроорни групи решија да не настапат на традиционална парада која се одржува секоја година во овој град, а на која се слави и етничката разноликост на заедниците на петтиот континент. Бојкотот следуваше во знак на револт на одлуката на градоначалникот на Мелбурн, Николас Рис, како и на градскиот Совет и на организациониот комитет на фестивалот, кои издале Директива со која учесниците на фестивалот може да носат само официјални знамиња на државите од кои потекнуваат иселениците. Со тоа, на македонските игроорни групи им бил поставен услов да може да го користат само официјалното државно знаме, кое во 1995 година го замени знамето со ѕвездата од Кутлеш, како резултат на Времената спогодба која Македонија ја потпиша со Грција. Но, тоа предизвика револт и разочарување меѓу македонското иселеништво кое, во најголем дел, знамето од Кутлеш го чувствува како свој етнички симбол. Оттаму, следуваше и одлука за неучеството во традиционална парада.
– Срцето ни е скршено што не смееме да се самоодредуваме и да го претставуваме нашиот македонски идентитет. За нас, Македонците, учеството без нашето знаме би значело компромитирање на суштинскиот дел од тоа што сме. Културниот израз треба да се слави во целост, а не ограничува. Ние во срцата ја носиме ѕвездата од Кутлеш. Поради тоа, одлучивме да не учествуваме на Парадата на Град Мелбурн, „Мумба“. Велиме „не фала“ на откажувањето од нашето знаме и идентитетот, нема да поставиме преседан за себе, нема да ги компромитираме нашите танчари, кореографи или културно-уметнички здруженија – соопшти вчера Федерација на македонски културно-уметнички асоцијации во австралијанската држава Викторија.
На претходните манифестации, црвеното знаме со ѕвездата од Кутлеш беше редовно истакнувано на чело на поворката составена од повеќе игроорни групи облечени во традиционални македонски носии. Нашите сонародници се посебно револтирани од односот на градоначалникот Николас Рис. Се смета дека тој ја донел таквата одлука под влијание на неговата сопруга Фелисити Пантелидис, која е етничка Гркинка. Во реакциите се наведуваат изјавите на градоначалникот Рис, кој изјавувал дека „иако нема грчка крв, тој е Грк во срцето“ и дека „неговите три ќерки растат како горди грчки Австралијки“. Се наведуваат и примери со кои се потпишувал со името Никос, односно, грчка варијанта на неговото име.
Вчера, градоначалникот Рис изјави за австралијанските медиуми дека е разочаран што македонската група не настапила.
– Со нетрпение очекував да ги видам на парадата. „Мумба“ е ден за забава. Тоа е време за семејна забава. Се надевав дека древните караници околу знамиња и други работи ќе можеме да ги оставиме дома и дека само ќе излеземе и ќе уживаме во денот – рече тој.
Македонската заедница во Австралија, во наредниве денови, ќе реши што да прави по забраната за употребата на знамето. Одлуката беше повлечена по силни реакции на македонската заедница. Сега се размислува за водење правна битка, но за тоа ќе се донесе одлука во консултации на сите македонски заедници. Во наредниве денови ќе следуваат и контакти со градската управа на Мелбурн и со раководството на фестивалот за да биде повлечена директивата. (Б. Ѓ.)
(рамка)
Н: Ново загрозување на македонскиот идентитет
Ова не е првпат Македонците во Австралија да се соочуваат со одлуки на градски и државни власти со кои им се загрозува правото да го негуваат македонскиот идентитет. Во 1994 година беше донесена одлука со која властите се обидоа да ги именуваат како „Славомакедонци“, а две години подоцна, македонскиот јазик беше именуван како „македонски словенски јазик“. Во 2024 година, во основното училиште Lalor North Primary School, сличен обид за забрана на сонцето од Кутлеш беше поништен по интервенција на Министерството за образование на Викторија. Министерството потврди дека учениците имаат право да се идентификуваат со овој симбол.
– Ова е нов удар по македонскиот идентитет, но ние на ова ќе се спротивставиме со правни средства бидејќи не може да ни се забранува користењето на симболот што го чувствуваме како свое обележје, а тоа ни го гарантираат австралиските закони. Сега, одново ни ја прекршуваат точката 19 од Повелбата на Викторија. Во неа, покрај другото, се предвидуваат правата на поединецот да ги демонстрира своите верувања и идентитет и луѓето со посебно културно потекло не смеат да бидат лишени од правото да уживаат во својата култура или да ги користат својот јазик и симболи. Освен тоа, се забранува и секоја дискриминација врз основа на „раса“, а што во австралиското право вклучува и етничко потекло или националност. Забранет е секаков чин кој вклучува дистинкција, исклучување или рестрикција заснована на раса или етничко потекло, а која има за цел да го загрози еднаквото уживање на човековите права и слободи. Исто така, државните институции (вклучувајќи ги и градските совети) се обврзани да промовираат политики кои им овозможуваат на сите граѓани да го зачуваат и да го негуваат својот културен идентитет – нагласи Ицо Најдовски, македонски активист во Австралија.












