Никола Грбиќ минатата недела ја предводеше Полска до златниот медал на Европското првенство, но наместо долг одмор и прослава, српскиот стратег веднаш се враќа во секојдневните обврски.

Грбиќ, за само четири години како селектор на Полска, освои дури десет медали, со што продолжи да ја потврдува својата позиција меѓу најуспешните тренери во светската одбојка.

По враќањето во Полска, тој им се заблагодари на навивачите за огромната поддршка за време на долгото Европско првенство, кое траеше дури три недели.

  • Одржувањето на толку високо ниво на игра во толку долг период не е лесно. Знаевме што треба да правиме и каков е планот, но одржувањето на фокусот цело време е тешка задача, изјави Грбиќ.

Тој истакна дека Полска има исклучително квалитетен состав и дека секој играч мора да биде подготвен да придонесе кога ќе добие шанса.

  • Нема место за опуштање. Амбициозни сме, мотивирани сме да победиме на секој натпревар и да освоиме медал на секој турнир, порача српскиот тренер.

Сепак, по големиот успех, Грбиќ нема долго да ужива во слободното време. Наместо тоа, го очекуваат семејните обврски и враќањето во улогата на татко.

Прво ќе го посети својот брат Владимир, кој беше хоспитализиран поради проблеми со срцето, а потоа го очекуваат и обврските околу децата.

  • Морам да тргнам дома бидејќи има работа во градината. Синот ми тргнува во средно училиште, па треба да се вратам на улогата на татко и таксист, откри Грбиќ.

Така, човекот кој пред само неколку дена се искачи на европскиот одбојкарски трон, сега ќе има сосема поинаква задача – да ги вози децата и да се посвети на домашните обврски.

  • Оваа сезона беше навистина тешка и едвај чекам да стигнам дома, заклучи со насмевка Грбиќ.

ИЗДВОЕНИ