КОМПЛЕТИРАНА ВЛАДИНАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА, ПРЕДЛОГОТ СПАКУВАН ЗА УСВОЈУВАЊЕ
Осум нови личности, една рокада, еден укинат ресор и останување на 14 досегашни вицепремиери и министри е билансот на реконструкцијата на владиниот кабинет предводен од премиерот Христијан Мицкоски. Веќе се познати имињата на новите станари во владината зграда на улицата „Илинденска 2“, што покажува дека идниот владин состав ќе има вкупно 23 члена, еден помалку од досегашниот. Намалувањето се должи на укинувањето на позицијата заменик- претседател на Владата задолжен за добро владеење, ресор што сега ќе дејствува во рамките на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Односно, за него нема да има посебно назначен функционер. Фактот што во новиот владин состав ќе има осум нови личности и едно ротирање на министер од еден во друг ресор, значи дека во македонското Собрание ќе се врши избор на нова влада во целина. Тоа значи дека по поднесениот предлог за составот на целата Влада, нема да има расправа и гласање за секој одделно предложен министер, туку ќе се гласа за сите заедно. Со тоа ќе се намали и времето за предвидената расправа и за гласање, а ќе нема ниту потреба од враќање на мандатот на премиерот до шефот на државата и негово повторно добивање. Се најавува дека предлогот до петок ќе биде испратен во Собранието, додека изборот би се случил во текот на првата половина од месецов.
Со ова, нови министри предложени од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се Сашо Клековски за здравство, Ѓоко Велковски за социјална политика, Ерџан Демир за министер без ресор, а новиот коалициски партнер, Демократската партија на Турците, ќе треба да даде кадровско решение за министер без ресор. Нивниот коалициски партнер, лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ, пак, од ресорот посветен на односите меѓу заедниците ќе се пресели во оној за локална самоуправа. Партијата Вреди ги предлага Јетон Шасивари за ресорот за правда, Седат Сулејмани за култура и Агон Ферати за ресорот за односи меѓу заедниците, додека движењето ЗНАМ за нов министер за земјоделство го предложи Борче Серафимовски. Кругот на промените во владините ешалони опфаќа и преместување на досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, на директорската фотелја во Фондот за здравство.
Владиното мнозинство во Парламентот ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за што е постигната согласност. Оваа партија до пред ланските локални избори беше дел од опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека веќе ги добил предлозите на Вреди и на ЗНАМ за новите министри во реконструираната Влада, дека, за него, тие предлози се сосема во ред и дека очекува поуспешна работа на новиот владин состав.
– За мене, тие предлози се сосема во ред и очекувам да имаме уште поуспешна работа со новиот состав на Владата. Вреди, во новата реконструирана Влада, ќе ги добие министерските позиции во министерствата за правда, за односи меѓу заедниците и за култура и туризам – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во текот на посетата на Општина Кисела.
Ново забрзување
Синоќа, пак, по седницата на партискиот Извршен комитет на која беше дадена виза за новите владини функционери, Мицкоски рече дека промените претставуваат нова фаза во работата на Владата.
– Оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по двете изминати години од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и со реализација на крупни проекти. Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и на испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување – рече премиерот Мицкоски.
Секој функционер, потенцира тој, мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата.
– Тоа останува принципот од кој нема отстапување. Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати и токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата – рече премиерот.
И од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека приоритети на Владата остануваат: подобрувањето на животниот стандард, економскиот развој, владеењето на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите.
– Новиот владин состав ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира започнатите проекти и реформски процеси, со фокус на конкретни резултати, отчетност и исполнување на ветувањата – се потенцира во партиското соопштение.
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, потврди дека партијата ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека од септември ќе добие и дополнителна заменик-министерска позиција во едно од највлијателните министерства во Владата. Зборувајќи за новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски, Димитриевски нагласи дека Серафимовски поседува значајно академско и професионално искуство и е човек што одлично ги познава состојбите во агросекторот.
– Станува збор за човек што ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис-менаџер и дипломиран дефендолог и во изминатите две години успешно ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој е човек што веќе го познава системот, ги познава потребите на македонските земјоделци, ги разбира предизвиците со кои се соочува агросекторот и има капацитет веднаш да продолжи со реализацијата на започнатите политики – потенцира Димитриевски, додавајќи дека не настапувале во разговорите со премиерот од позиција на тоа колку ресори ќе добијат, туку од позиција каде што може да дадат најголем придонес за државата.
За опозицијата, промените се стар кабинет со нови фотелји
Но, наспроти ова, најголемата опозициска партија, СДСМ, оцени дека предвидените промени во Владата го претставуваат „стариот кабинет со нови фотелји“.
– Шефот на организираната криминална група, Христијан Мицкоски, го претстави стариот кабинет со нови фотелји. Нема резултати, има театар со реконструкција. Ова не е реформа на Владата, туку козметичка промена на истата криминална структура. Ова е тактиката на Мицкоски: кога е економијата во колапс, кога е празен буџетот, кога нема пари ни за пензии, кога е блокиран европскиот пат, тогаш се прави „реконструкција“ за да се одвлече вниманието. Мицкоски само го префарба истиот криминален систем за да може уште некое време да го одржува на власт. Не е ова никаква промена. Во секој случај, нè очекуваат предвремени избори. Пари нема, па и оваа претстава ќе трае кратко – соопштиja од СДСМ.
Паралелно со ова, дел од министрите за кои веќе не се планираат министерски позиции во новиот кабинет, сепак, најавуваат свои ангажмани и натаму. (Б. Ѓ.)












