вторник, август 18, 2026
Дома БАЛКАН Осомничените за пожарот кај Омиш го признале делото: Можно е да одговараат...

Осомничените за пожарот кај Омиш го признале делото: Можно е да одговараат за тероризам!

758
EPA/HANDOUT

Четворица осомничени за подметнување на десет пожари на подрачјето на Задар, меѓу кои тројца мажи од Биљане Долни и една полска државјанка, во наредниот месец ќе поминат во истражен притвор.

Одлуката ја донел истражниот судија на Жупанискиот суд во Задар, Хрвоје Висковиќ, кој потврдил дека засега постои доволно ниво на сомнение за определување притвор.

„Приведени се четворица осомничени поради сомнение дека сториле тешко кривично дело против општата безбедност, за кое е предвидена затворска казна од една до десет години“, изјавил Висковиќ, пренесува „Слободна Далмација“.

Истражниот притвор е определен од различни причини. За тројца постои опасност од влијание врз сведоци, а за сите постои опасност од повторување на делото. Еден од осомничените, кој покрај хрватско има и српско државјанство, е задржан и поради опасност од бегство.

Судијата Висковиќ појаснил дека осомничените активно ја изнесувале својата одбрана.

„Делумно признале некои од кривичните дела што им се ставаат на товар“, рекол тој.

Мотивот за подметнувањето на пожарите сè уште е непознат.

„Засега нема никаков мотив“, потврдил судијата.

Според досегашните информации, пожарите биле предизвикувани со запалка, со палење сува трева покрај патот.

„Апсолутно станува збор за намерно дејствие кога се пали сува трева покрај пат. Тука нема дилема“, изјавил Висковиќ.

Сепак, сè уште не е потврдено дали осомничените однапред се договарале.

„Дали се договарале, засега не можам ништо да кажам“, додал тој.

Судијата нагласил дека ова е само почеток на истрагата. Во текот на наредниот месец Државното обвинителство ќе спроведува доказни дејствија со цел да се утврди целосната слика за настаните и улогата на секој од осомничените.

„На сите тие места треба да се направи анализа на настанувањето на пожарите, треба да се анализира нивната облека и да се види дали има траги од запаливо средство. Сето тоа е хипотетички. Засега имаме факт дека признале дека палеле со запалки и тоа е сè“, објаснил Висковиќ.

Ќе се анализира и содржината на одземените мобилни телефони.

Во зависност од новите докази, делото би можело да биде преквалификувано во потежок облик, па дури и во тероризам.

„Ќе видиме како ќе се прибираат доказите. Секогаш постои можност за преквалификација, зависно од тоа што ќе се открие“, изјавил судијата.

ИЗДВОЕНИ