Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“– Охрид, управувани од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4 %, опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници (1.202.828). Во истиот период, јануари – април, двата македонски аеродрома опслужија вкупно 8.123 летови, што е годишно зголемување од 10,7 %.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, вели дека ТАВ Македонија продолжува да бележи рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај.

– Во првите четири месеци од оваа година опслуживме вкупно 1,2 милиони патници на двата македонски аеродроми, што е висок пораст од рекордни 32,4 % и ќе нè рангира меѓу аеродромите со најбрз пораст во Европа и во светот. Меѓународниот совет на аеродроми – Европа веќе нè рангираше меѓу аеродромите со најбрз пораст како земја која не е членка на ЕУ, врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Среќни сме што силниот, рекорден пораст продолжува, и покрај глобалните геополитички предизвици и енергетската криза. Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома. Оваа година, досега, отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години – изјави Курт.
Во рамките на летниот распоред на летaње, кој почна на крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 дестинации од скопскиот аеродром, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови, додека во исто време, 7 авиокомпании летаат до 24 чартер дестинации, што значи вкупно 78 дестинации од аеродромот во македонскиот главен град.
По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро. Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер летови. По отпочнувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе се отворат и новите линии до Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни, „Аустриан ерлајнс“ има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена.
(С.Бл.)












