Пред многу години, во 1984 гoдина, „Ју-ту“ го издаде својот четврти албум, „Unforgettable Fire“, кој е неверојатно емотивен. Кај нас, во нашите продавници, како и секогаш, дојде со големо задоцнување, некаде 87-88 г., кога групата веќе го издаде на светскиот пазар исконскиот „The Joshua Tree“. На „Unforgettable Fire“ ги гледаме како продуценти Брајан Ино и Даниел Ланоис, кои ги донесоа тој пожесток звук и таа прекрасна атмосфера, каде што пеењето на Боно и гитарите на Еџ комплетно го воздигнуваат ова остварување на некое ново ниво, невидено дотогаш на светската сцена. Тоа беше вистинскиот почеток на владеењето на четворката од Ирска. И тоа траеше и траеше сè додека еден ден целосно се загубија во самите себе за самите себе.

Два пати ја имам гледано групата „Ју-ту“, пред и по „The Joshua Tree“. Некако, во тој подоцнежен период, ја немаше таа енергија, би рекол комплетно се потрошија, па Боно почна да навлегува во политички и социјални случувања, сè повеќе оддалечувајќи се од она нивното оригинално, исконско. Потоа објавија неколку албуми со третокласни песни. И оттогаш некако престанав да ги ставам во фолдерот на моите најомилени групи. Дојде 2026 г. и „Ју-ту“ го објави ЕП „Days of ash“ во февруари. Песните, иако им се посветени на борците за правата на угнетените, политички текстови, социјални теми, сепак, во оној музичкиот дел потсетуваат на „Ју-ту“ од почетокот на кариерата. Солидно ЕП, кое, веројатно, ќе се врти по радијата. Неколку недели подоцна, на католичкиот Велики петок, сосема од никаде, објавија уште едно ЕП составено од шест песни, под името „Easter Lily“.

Ги отворав сајтовите и ме маѓепсаа звукот и атмосферата на ова феноменално ЕП. Како во старите времиња, гитарата не Еџ се разбуди, басот на Адам и тапаните на Лери весело се расфрлаше низ просторот и времето, давајќи му на Боно целосна слобода да го искористи својот глас. И сето тоа споено со текстовите на Боно, ме врати на времето на „Ју-ту“ и „War“, како да било тоа вчера, а поминати се околу 40 години. Сè се мислам дека или откриле временска машина, па се вратиле во тоа време или ги криеле овие песни во некој таен бункер за да нè направат повторно 15-16 годишници што одат по улица со вокмен или со касетофон, досадувајќи му секому. Е замислете нè нас, речиси средовечни, сега да одиме по улиците со касетофони или со некакви носачи на звук и да ги пееме песните на „Ју-ту“ од новиот ЕП „Easter Lily“. Иако сè е можно, музиката нема граници.

Продуцент на овој носач на звук е Jacknife Lee, со помош на Брајан Ино, особено на песната „Coexist“. Самиот поим „Easter Lily“ ги симболизира повторното раѓање, надежта, невиноста, чистотата, дури има и цвет со такво име во облик на труба, кој ги симболизира трубите на Ангелот Габриел. Темите на овој албум се посветени на повеќе нешта, вклучувајќи и религиозни прашања и како такви влегуваат во сето она што „Ју-ту“ веќе го направи. Почнувајќи од првата песна, „Song for Hall“, која е посветена на нивниот соработник Hall Wilner. Покрај прекрасната атмосфера, карактеристично е дека на неа како пејач се појавува Еџ. Тој на неколку претходни песни од претходните албуми се појавуваше како пејач, но тука ни покажува дека ако еден ден Боно не може да пее, тие имаат достоен наследник во него. Наредната песна, „In a life“, му e посветена на пријателството, кое, како што поминуваат годините, се зајакнува, со тоа покажувајќи дека тие се, пред сè, пријатели што поминале многу нешта во животот и, сепак, сè уште се како еден. „Scars“ е посветена на сите оние лузни што ги добиваме живеејќи го животот, но не покривајќи ги или криејќи ги, туку едноставно покажувајќи ги за да видат сите низ што сме поминале, што сме преживеале. Прекрасна мелодија вклопена со гласот на Боно. „Resurection song“ го опишува патувањето во непознатото, но од религиозен аспект. Самото наше постоење е чудесно, но истовремено неверојатно и сето тоа е остварено со помош од Бога.

Ние сме деца на ѕвездите, на вселената. „Easter Parade“ ја покрива темата на верата и сомнежот во неа. Кога доаѓаат тешки времиња, само вербата и онаа духовност се оние нешта што ни даваат сила да продолжиме. Болката што ја преживуваме  е онаа што ни дава сила да издржиме, онаа што ни дава надеж. Вели: „Нешто во мене умре, но јас веќе не се плашам“. Една прекрасна духовна песна со неверојатна музика. Последната песна е COEXIST (I Will Bless The Lord At All Times?). Ова е нивна експериментална песна, каде што текстот и продукцијата се дело на Брајан Ино и како такви звучат магично. Во текстот се пее за наоѓањето духовна сила, за борбата помеѓу верата и сомнежот. Има некое двојно значење, дека треба да коегзистираме заедно, а во исто време се прашуваме дали треба да го благословуваме Бога во секое време. И тоа е тоа што го имаме на ова ЕП. Но, тоа е и она што ги враќа нив повторно на врвот од светската рок-сцена, но и во срцата и душата  на нас, кои израснавме на огнот, пламенот, вербата, љубовта што ни ја понуди „Ју-ту“.

Љупчо ДАВЧЕВ

Фото: Принт скрин

ИЗДВОЕНИ