Во „Службен весник“ е објавен Правилникот за форматот, содржината и методологијата за изработка на општинскиот енергетски план. Со овој правилник првпат се воспоставува јасен, структуриран и контролиран систем за планирање на енергетските инвестиции на локално и на национално ниво, со што му се става крај на ад хок пристапот и се воведуваат ред, предвидливост и рамномерност во развојот на енергетските капацитети во државата.
– Инвеститорите што планираат реализација на енергетски објекти со моќност до 1 MW, иницијативите ги доставуваат директно до општините каде што сакаат да инвестираат, најдоцна до 1 април. Врз основа на пристигнатите иницијативи, сопствените потреби и просторни можности, општините ќе изработуваат локални енергетски план и предлог за инвестиции и ќе треба да ги достават најдоцна до 15 мај – велат од Министерството за енергeтика.
Општинските енергетски планови се објавуваат на веб-страниците на општините најдоцна до 1 јули, со што процесот станува целосно транспарентен. Министерството веќе го достави Правилникот до ЗЕЛС, кој ќе го дистрибуира до сите општини во државава.












