Како одговор на тековната нестабилност на меѓународните цени, ОКТА го
продолжува попустот што им се нуди на големопродажните и малопродажните трговци до 6 април, годинава.
Дополнително, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар и истиот ќе
стапи во сила од денес, 24. март 2026 година.
– Оваа доброволна иницијатива на ОКТА има за цел да им овозможи на трговците овој бенефит да го пренесат на крајните купувачи во земјава. Трговците на големо и мало имаат целосна слобода самостојно да ги дефинираат своите цени, согласно нивната
комерцијална политика. Со продолжувањето на мерката и засилената поддршка за дизелот, компанијата повторно ја потврдува својата посветеност кон стабилноста на пазарот, сигурното снабдување и долгорочното партнерство со трговската мрежа во Република Македонија – соопштија од ОКТА.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска рече дека со обезбедниот дополнителен попуст за дизелот, цените на горивата остануваат стабилни.
– Преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.
Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот – истакна Божиновска.
Според неа, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, која обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречи дополнителен ценовен шок.
Таа нагласи дека снабдувањето со горива се одвива непречено, државните резерви се стабилни, а сите надлежни институции се во постојана координација и вршат засилени контроли на пазарот.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата реагираше навремено и одлучно за да ги ублажи директните удари врз граѓаните и економијата.
– Донесовме мерка за намалување на ДДВ-то за бензините и нафтата, со што директно се влијае на намалување на ценовниот притисок врз домаќинствата и стопанството. Иако и покрај овие ценовни шокови имаме убедливо најниска цена на бензините и на дизел горивото во регионот, што создава дополнителен притисок од страна на граѓаните од соседните држави. За повеќе од 10% е зголемен конзумот на бензин и дизел гориво на нашите бензински пумпи, но и покрај тоа стабилното снабдување за граѓаните и стопанството стана наш приоритет. Во овој момент нема никакви негативни очекувања. Обезбедуваме стабилни количини за нашите граѓани, но истовремено, доколку и граѓаните од соседните држави го ценат тоа, ќе придонесе во подобрување на нивниот животен стандард, а ние како држава стоиме на располагање – изјави Мицкоски.
Тој најави дека на денешната редовна владина седница ќе бидат разгледани и други мерки што можат да бидат корисни.
(С.Бл.)












