Алармите на Охрид СОС за забрзаното уништување на зелените површини во Бејбунар добиваат сè погласна поддршка меѓу охриѓани, кои сведочат за секојдневно сечење на децениски дрвја и ширење на урбанизацијата. Охриѓанката Марина Пазаркоска јавно реагира дека „се сече дел од нашиот живот“, прашувајќи зошто развојот секогаш оди на штета на природата. Наместо ветениот „зелен град“, јавноста сè почесто зборува за губење на природниот баланс и на квалитетот на живот предизвикан од урбаниот раст во Охрид кој се одвива без јасна граница и одржлив план
Во подножјето на Националниот парк „Галичица“, во некогаш зелениот појас на Бејбунар, интензивно се намалуваат зелените површини за сметка на нови градби, предупредуваат од Охрид СОС. Според нив, „буквално секоја педа“ се претвора во градежна парцела, при што се уништуваат децениски дрвја и се губи природниот баланс.
– Наместо атрактивни зелени површини, жителите на Охрид добиваат бетон. Огромни количества бетон – реагираат од иницијативата, посочувајќи на, како што велат, очигледната спротивност меѓу донесените стратегии и реалната состојба на терен.
Оттаму потсетуваат дека со Стратегијата за развој на зеленило (2023 – 2032) се предвидува Охрид да стане „зелен град“, но дека во практиката се случува спротивното. Според нивните податоци, наместо законски предвидените 25 квадратни метри зелена површина по жител, охриѓани располагаат со само 1,6 квадрати.
– Општината ни одзела 93,6 % од она што ни следува, а ни оставила едвај 6,4 %. Па потоа се чудиме зошто воздухот е загаден и зошто нема простор за одмор и за рекреација – наведуваат од Охрид СОС.
Дополнително, алармираат дека во изминатите две и пол децении се изградени стотици објекти, додека нови паркови и зелени оази речиси и да нема. Дел од постојните зелени појаси, како оној по должина на кејот, постепено се намалуваат за потребите на урбанизацијата.
На ваквите состојби реагираат и граѓаните. Охриѓанката Марина Пазаркоска, преку јавна објава, го изрази своето незадоволство од сечењето дрвја во нејзиното соседство.
– Се сече дел од нашиот живот – и сите молчиме? Во моето соседство повторно паѓаат дрвја што стоеле децении. Не пречат. Само… стојат – вели Пазаркоска.
Таа додава дека иако сè се одвива „легално“ и на приватен имот, суштинското прашање останува неодговорено.
– Прашањето не е дали може. Прашањето е: зошто секогаш мора да се избере бетон наместо живот – вели таа.
Пазаркоска емотивно ги опишува дрвјата како дел од секојдневието на жителите: – Беа сенка во лето, беа воздух што го дишевме, беа дом за птици. Тоа не беа само дрвја – беа дел од нашата заедница.
Граѓаните сè почесто предупредуваат дека се создава опасна практика на урбанизација без баланс, при што јавниот интерес и квалитетот на живот се ставаат во втор план.
– Ако изгубиме секое старо дрво за нова зграда – што ни останува – прашува Пазаркоска, апелирајќи за поширока јавна реакција затоа што недостигот од зелени површини директно влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата и здравјето на граѓаните, а урбаниот пораст во Охрид се одвива без јасна граница и одржлив план.












