сабота, септември 19, 2026
Дома СВЕТ Цените дивеат, лебот во Иран за една недела поскапе 100 отсто

Цените дивеат, лебот во Иран за една недела поскапе 100 отсто

51
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Иранското министерство за внатрешни работи го оцени наглиот раст на цените во земјата како алармантен, предупредувајќи дека инфлацијата создава сериозни потешкотии за голем број граѓани.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Али Зеиниванд, изјави денеска дека, и покрај растот на цените, моментално не постои недостиг од стока на иранскиот пазар, пренесе порталот Хамихан.

Зеиниванд ги повика граѓаните да не наседнуваат на гласините за недостиг, кои ги опиша како непријателска пропаганда.

Тој додаде дека властите во Техеран, со цел да го олеснат увозот, им наложиле на царинските служби да им овозможат увоз на стока на приватните трговци кои располагаат со сопствени складишни капацитети.

Жителите на Иран за ДПА изјавија дека цените на основните прехранбени артикли драстично пораснале и дека, на пример, цената на лебот се удвоила за само седум дена.

Месото и другите основни прехранбени артикли, како што тврдат тие, станале недостапни за многу домаќинства, додека истовремено се бележи и недостиг од лекови.

Соединетите Американски Држави продолжуваат да вршат притисок врз властите во Техеран со поморска блокада насочена кон бродовите што влегуваат во иранските пристаништа, нафтените терминали или крајбрежните области.

Администрацијата во Вашингтон се обидува да го запре иранскиот извоз на нафта и да го принуди Техеран повторно да го отвори Ормушкиот Проток, како и да направи отстапки во спорот околу иранската нуклеарна програма.

Засилените американски економски санкции кон Иран ги погодуваат странските банки и компании во клучните сектори, вклучувајќи ги финансискиот сектор, нафтената индустрија, поморскиот и воздушниот сообраќај, како и трговијата со злато, технологии и криптовалути, пренесува ДПА.

ИЗДВОЕНИ