сабота, септември 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Со песна и поезија во Гевгелија одбележан 20. септември – Денот на...

Со песна и поезија во Гевгелија одбележан 20. септември – Денот на пензионерите

4

Со грст убави македонски народни песни, како и со поезија посветена на својот роден град, пензионерите од општина Гевгелија ги одбележаа 80-годишнината од пензионерското организирање во Македонија и 20 Септември – Денот на пензионерите на Македонија.

Свечениот концерт започна со честитката на Здружението на пензионери од Гевгелија до сите свои членови во која, меѓу другото се вели:

„Светскиот ден на пензионерите, 20-ти септември, не е само ден на прослава, тој е ден кога треба да се потсетиме дека зад секој пензионер стојат години на работа, труд, создавање, одговорност и пожртвуваност. Ние, пензионерите, не сме само минато. Ние сме живата меморија за едно време, чувари на вредностите и мостот меѓу генерациите. Осумдесет години од формирањето на Сојузот на пензионерите на Македонија се 80 години борба за подобар живот, за достоинство, за права и за место кое заслужено ни припаѓа на сите пензионери во нашето општество. Во тие 80 години се смениле времиња, генерации и општествени услови, но едно нешто останало исто – потребата на човекот да биде почитуван и тогаш кога ќе го заврши својот работен век“, стои во честитката.

По честитката на сцената излегоа членовите на пејачката група „Сава Михајлов“ која делува при гевгелиското пензионерско здружение, кои ги понесоа присутните на едно пријатно музичко патување, исполнувајќи познати наслови од македонските народни песни, во кои се пееше за љубовта, за младоста и меракот, за другарувањето. Затоа што пензионерските денови и години, покрај другото, се исполнети и со убава песна и добро расположение.

Помеѓу музичките точки, членовите на пензионерскиот поетски клуб, вљубеници во убавиот пишан збор, прочитаа неколку поетски творби инспирирани од својот роден град, во кои ја воспеваа убавината, топлината, сончевината и гостопримливоста на Гевгелија. Салата на Народниот театар одекнуваше од аплаузи, со кои присутните ја поздравуваа секоја изведена песна и секоја прочитана поетска творба. Тие уживаа во изведбата на пејачката група и солистите, кои, како изненадување, за прв пат ја изведоа песната посветена на Гевгелија. Музиката и аранжманот на оваа најнова песна за градот на сонцето и гостопримливоста, се дело на Андон Пачиколев, додека текстот е на Андон Пачиколев и Јана Узунова.

Беше тоа вечер посветена на празникот на пензионерите, вечер на гордост, но и на надеж, дека пензионерот не треба да биде никогаш оставен на страна, туку треба да биде секогаш почитуван, слушнат и активно вклучен во секојдневниот живот на својата заедница.

Напуштајќи ја салата, пензионерите од срце си посакаа пред се добро здравје, семејна
среќа, спокој и уште многу убави години исполнети со дружење и радосни моменти.

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, го одбележува 20 септември
како Ден на пензионерите на Македонија во знак на донесувањето на првиот Закон за
пензиско и инвалидско осигурување во далечната 1946. Година. Здружението на пензионери на општина Гевгелија е формирано 1971 година. Тоа денес брои над 4.500 пензионери, и располага со 5 клубови за пензионерите по населените места во општината.

Љ. А.

ИЗДВОЕНИ