недела, јуни 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Охрид на мапата на европските културни маршрути на Советот на Европа

Охрид на мапата на европските културни маршрути на Советот на Европа

33

На Генералното собрание одржано во Аквилеа, Италија, Охрид беше вклучен во мрежата на градови и локалитети што се поврзани преку заедничките европски вредности, културното наследство и историското паметење. За Општина Охрид, ова признание претставува потврда за историската и цивилизациска улога на Охрид како духовен и културен центар во словенскиот свет, поврзан со делото на светите Кирил и Методиј и нивните ученици, свети Климент и свети Наум, кои токму во Охрид ја поставиле основата на словенската писменост и духовност

 

Охрид официјално стана дел од европските културни маршрути на Советот на Европа, со што уште еднаш го потврди своето место на европската културна и духовна мапа.

На Генералното собрание одржано во Аквилеа, Италија, Охрид беше вклучен во мрежата градови и локалитети што се поврзани преку заедничките европски вредности, културното наследство и историското паметење.

За Општина Охрид, тоа признание претставува потврда за историската и цивилизациска улога на Охрид како духовен и културен центар на словенскиот свет, поврзан со делото на светите Кирил и Методиј и нивните ученици, свети Климент и Свети Наум, кои токму во Охрид ја поставиле основата на словенската писменост и духовност.

– Приклучувањето кон европските културни маршрути отвора нови можности за меѓународна соработка, културна размена и развој на културниот туризам, со што Охрид дополнително ќе се позиционира како препознатлива европска дестинација. Општина Охрид останува посветена на зачувувањето, унапредувањето и меѓународната промоција на своето богато културно наследство, како и на активното учество во европските културни процеси – велат од Општина Охрид.

На церемонијата во Италија, свое обраќање имал и претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, кој ја истакнал важноста на признанието, како и улогата на Охрид како „жива ризница на културно наследство и светилник на словенската писменост и духовност“.

Како што посочил тој, Охрид, како духовна престолнина на словенството, со векови ја чува оваа светлина и оти Охрид не е само географска точка туку и жива ризница на културно наследство, место каде што историјата, верата и уметноста се преплетуваат во едно уникатно духовно искуство.

– Ова признание не само што ја потврдува нашата историска улога туку и ја отвора вратата за нови можности за соработка, културна размена и одржлив развој. Оваа маршрута не е само патека на движење туку и мапа на духовното и културното дејствување, која ги поврзува локалитетите, традициите и вредностите што ја обликувале Европа. Охрид, со своите манастири, цркви, археолошки локалитети и богато културно наследство, претставува клучна точка во оваа мрежа. Во таа насока, културниот туризам во Охрид се развива како автентично искуство – како патување низ времето, каде што секој чекор ја раскажува приказната за писменоста, верата и за идентитетот. Посетителите не доаѓаат само да видат туку и да почувствуваат – нагласил Божиновски.

Притоа, посочил дека современото чествување на делото на светите Кирил и Методиј, особено на 24 Мај, што, традиционално, го организира Општина Охрид, претставува жив доказ дека ова наследство не е само минато туку и дел од нашата сегашност и нашата иднина.

 

ИЗДВОЕНИ