Ракометниот клуб ГРК Охрид ја живее најголемата спортска приказна во својата историја. Охридскиот клуб стигна до европски трофеј во ЕХФ Европскиот куп, откако во финалето двапати го совлада тимот на Татабања, а еден од најзаслужните за историскиот успех беше голманот Кристијан Пилиповиќ.
Во вториот финален натпревар против Татабања, Охрид уште еднаш покажа карактер, борбеност и шампионски менталитет. Кога беше најпотребно, на сцена стапи Пилиповиќ. Хрватскиот голман со 13 одбрани беше вистински херој на вечерта и голема поддршка за целиот тим на патот до историскиот триумф.
По натпреварот не ги криеше емоциите и испрати порака која најдобро ја долови големината на успехот.
- Ова беше најлуд меч, каква енергија… Голема благодарност до градот, до навивачите и најмногу, до мојата екипа. Секоја чест за момците. Горд сум што бев дел од оваа фантастична приказна, изјави Пилиповиќ, кој следната сезона ќе ги брани боите на Луцерен.
По големиот успех на Охрид, на адреса на клубот постојано пристигнуваат честитки, а една од нив беше и од РК Алкалоид, кој минатата година го освои истиот трофеј.
- РК Алкалоид упатува искрени честитки до ГРК Охрид за освоениот трофеј во Европскиот куп на ЕХФ. Убаво е чувството кога две години по ред екипа од Македонија доаѓа до престижното одличие – добре дојдовте во друштвото на освојувачите, порачаа од клубот од Автокоманда.
Ниту од Европската куќа на ракометот не заборавија да му честитаат на новиот шампион. Од ЕХФ испратија кратка, но моќна порака до охридскиот тим: „Добро утро од новиот шампион. Не е сон“.
Меѓу првите кои ја честитаа европската титула беа премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
За Охрид, ова е историски момент кој долго ќе се памети. Градот доби европски шампион, навивачите добија причина за голема прослава, а оваа генерација ракометари засекогаш си обезбеди место во клупската историја.











