вторник, август 4, 2026
Дома СВЕТ Огромна нафтена дамка го голта морето: Протекува од насукан танкер, се протега...

Огромна нафтена дамка го голта морето: Протекува од насукан танкер, се протега на должина од 90 километри – наслагите веќе стигнаа до брегот/ВИДЕО

0
Foto: Printscreen/X

Огромна нафтена дамка се прошири покрај брегот на Оман на околу 150 квадратни километри, по истекување од санкциониран танкер кој е заглавен од јуни.

Истекување на нафта од санкциониран танкер кој со недели е заглавен покрај брегот на Оман, брзо се прошири и зафати околу 150 квадратни километри море и крајбрежје, покажуваат сателитските снимки анализирани од Гринпис и Асошиејтед Прес.

Само пред една недела, се проценуваше дека истекувањето зафатило околу 20 квадратни километри, а сè уште не е познато што предизвикало толку многу да се зголеми истекувањето на нафта.

Нафта протекува од танкерот „Керолин Безенги“, долг 274 метри, кој е заглавен покрај островот Киблија во покраината Дофар.

Бродот е под санкции од Велика Британија, ЕУ, Канада и Швајцарија поради транспорт на нафта произведена во Русија.

Нафтена дамка долга околу 90 километри
Најновите сателитски снимки покажуваат тенок слој нафта што се шири североисточно од бродот.

Според проценката на експертот за животна средина Вим Цвајнбург, нафтената дамка сега е долга околу 90 километри, речиси двојно подолго отколку што беше пред една недела.

Густи црни наслаги од нафта веќе стигнаа до јужниот и западниот брег на островот Киблија.

„Ова е драматично зголемување“, рече Нина Ноел од Гринпис Германија, додавајќи дека е очигледно дека од бродот протекува голема количина сурова нафта.

На бродот има повеќе од 800.000 барели нафта
Се проценува дека танкерот превезувал повеќе од 800.000 барели сурова нафта. Пред последното патување, бродот бил регистриран во руското црноморско пристаниште Новоросијск.

Според извештаите на поморските медиуми, танкерот е насукан од јуни, откако екипажот наводно пријавил експлозија, но Асошиејтед прес не можеше независно да ја потврди информацијата.

Сè уште не е познато каде пловел бродот кога се насукал.

Морско светилиште под закана
Засегнатото подрачје се наоѓа во заштитен резерват во Арапското Море, дом на ретки и загрозени видови, вклучувајќи го арапскиот грбав кит и неколку видови загрозени морски птици.

Експертите предупредуваат дека дел од тенкиот слој нафта може да испари, во зависност од видот на сурова нафта и временските услови, но дека дебелите наслаги веќе сериозно загадиле делови од брегот.

„Ова драматично ширење ја покажува сериозната и долгорочна закана за животната средина што ја претставува насуканиот танкер, како и опасностите поврзани со практиките на руската „флота во сенка“, соопшти Гринпис Германија.

Оман нареди отстранување на бродот
Министерството за транспорт на Оман им нареди на сопствениците да го отстранат танкерот и неговиот товар до 23 јули.

Сè уште не е познато дали сопствениците одговориле на барањето или дали се преземени конкретни чекори за отстранување на бродот.

ИЗДВОЕНИ