Неизвесноста околу работењето на Алта банка и пристапот до сопствените пари продолжува да предизвикува вознемиреност кај граѓаните. Првиот денови од исплатата на готовинските средства донесе долги редици пред филијалата, нервоза и интервенции на брзата помош поради граѓани на кои им се слошило додека чекале да дојдат на ред.

Имено, од страна на полициски службеници кои го одржувале редот пред банката до 12 часот, до кога шалтерите беа отворени, дури три пати биле повикани медицински екипи.  Меѓу луѓето кои чекале имало и повозрасни граѓани, за кои долгото стоење и неизвесноста околу пристапот до нивните средства претставувале дополнителен товар.

Ваквиот начин на организирање на исплатата придонесе пред банката да се појават и лица кои воопшто не добиле порака. Дел од нив се постари граѓани кои не користат мобилни телефони, па не можат да ги следат известувањата преку СМС. Други, пак, се обидуваат да дојдат до документацијата потребна за отворање трансакциска сметка во друга финансиска институција.

Инаку, денеска до пладне на шалтерите на Алта банка Битола беа исплаќани само пензионери, но не и граѓаните кои примаат социјална помош. Им било кажано дека тие ќе бидат повикувани наредниве денови.

По преземањето на привременото управување со банката од страна на Народната банка, започна ограничена исплата на готовина. Сепак, можноста за подигнување пари не им е достапна на сите клиенти под исти услови. Во филијалата можат да влезат само оние кои добиле СМС-известување со определен термин и немаат платежна картичка. Максималниот износ што можат да го подигнат е 20.000 денари во рок од 14 дена.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ