Нико Вилијамс беше еден од симболите на европската титула на Шпанија во 2024 година, но патот до светската круна во 2026 беше многу потежок отколку што можеше да замисли некој.
Крилниот напаѓач на Атлетик Билбао не беше стандарден стартер на Светското првенство. Селекторот му даваше шанса, главно, од клупата, па тој не почна ниту еден натпревар како првотимец. На две средби воопшто не доби минутажа, а на другите шест влегуваше како резерва. Но, токму на најважниот натпревар остави силен печат.
Во големото финале против Аргентина, тој ја испрати клучната асистенција до Феран Торес, кој во продолженијата го постигна единствениот гол за победа од 1:0 и ја донесе првата светска титула за Шпанија по 2010 година.
Неговиот придонес беше огромен, иако не беше во центарот на вниманието како пред две години на Европското првенство, кога со Ламин Јамал беше страв и трепет за противничките одбрани и го постигна победничкиот гол во финалето против Англија.
Сезоната, сепак, беше вистински кошмар за него. Поради серија повреди, беше надвор од терените речиси три месеци, од февруари до крајот на клупската сезона, па во еден момент дури беше доведено во прашање и неговото учество на Светското првенство.
Затоа и прославата на титулата беше многу емотивна. Откако го симна медалот и ѝ го стави околу врат на својата мајка, тој даде искрена изјава за ДАЗН.
- Не мислам дека сме свесни што направивме навистина, но пресреќни сме. Лудо е! Сите придонесоа, никој не се однесуваше како голема ѕвезда. Работевме еден за друг – рече шпанскиот репрезентативец.
Потоа следуваше реченицата што веднаш стана вирална.
- Мојата сезона беше навистина тешка. Одев по измет, јадев измет, а сега ги допрев ѕвездите. Ова е најсреќниот ден во мојот живот поради сè низ што поминав оваа година – изјави Вилијамс.
Неговата исповед уште еднаш покажа дека зад големите успеси често стојат тешки моменти и за него светската титула претставува многу повеќе од уште еден освоен трофеј: таа е награда за една од најтешките години во неговата кариера.











