Македонскиот ракометен шампион Вардар, одлично се претстави на првиот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите. Избраниците на тренерот Иван Чупиќ, одиграа одличен натпревар на гостувањето кај бундеслигашот Мелсунген, но не успеаја да стигнат до бодови, бидејќи беа поразени минимално со 33:31.

Вардар во почетните минути неколку пати водеше со еден разлика, меѓутоа тоа се промени по 4:4 кога домашниот состав за првпат поведе. Мелсунген ја одржуваше предноста која најчесто изнесуваше два-три гола, но Вардар не се предаваше и констатно беше закана не дозволуваше противникот да направи посериозна разлика. Одличен беше Воркапиќ кој беше исклучително прецизен од линијата за седум метри.

Во завршницата од првиот дел Вардар имаше и напад за израмнување меѓутоа не го искористи, па Германците заминаа на пауза со 16:15. Во вториот дел, Мелсунген дојде и до највисоките пет гола предност (24:19). Но, Вардар не се предаде и во последните десет минути успеа да ја стопи предноста на домаќинот да стигне на гол негатива, но не и да направи пресврт за бодови.

-Беше добар натпревар и за двете екипи. Имаше неколку моменти кога можевме да израмниме или можеби и да поведеме. Атмосферата беше одлична, а тоа придонесе за заслужената победа на Мелсунген, кажа Чупиќ по натпреварот.

Најефикасен кај вардарци беше Воркапиќ со девет гола, Љевар постигна седум, додека Абделак ја заврши средбата со пет постигнати гола. На спротивната страна Дростен и Гола беа најрасположени со по пет.

Српскиот шампион Партизан имаа кошмарно враќање во елитното натпреварување по пауза од 13 години. Пред својата публика во Белград, „црно-белите“ беа убедливо поразени од Фуксе Берлин со 44:33

Најдобри поединци кај Фуксе беа Гидсел со девет и Грондал со осум погодоци, додека во домашниот тим по шест гола постигнаа Кулеш, Вагнер и Црноглавац.

Унгарскиот претставник ПИК Сегед максимално ја искористи предноста на домашниот терен и оствари сигурна победа над екипата на Кристијанштад (42:31). Динамо Букурешт дома загуби од Монпелје со 23:27, додека Спортинг беше подобар од ГОГ со 43:33.

ИЗДВОЕНИ