Никола Јокиќ во Панатинаикос? На прв поглед звучи како нешто што е невозможно да се случи дури и во најреалистичните кошаркарски видеоигри. Но, изјавата на првиот човек на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, сериозно ја разбранува кошаркарската јавност во САД.

Грчкиот милијардер јавно порача дека негов голем сон е да го доведе Никола Јокиќ во Атина, и тоа уште следното лето.

  • Играч што е мој сон и ќе го доведам следната година? Имам тројца со тригодишни договори, каде ќе игра? Размислував за тоа синоќа. Ги имаме Лесор, Јабуселе и Фол. Каде ќе се вклопи? Зборувам за Јокиќ, најдобриот кошаркар на светот – рече Јанакопулос во поткастот „Евроинсајдерс“.

Она што дополнително го зголеми интересирањето е неговото тврдење дека Панатинаикос веќе се обидел да го ангажира српскиот центар.

  • Не смејте ми се! Нема да одам никаде додека не го доведам. Се обидов да му испратам предлог и оваа година. Јавете му се на Мишко Ражнатовиќ и прашајте го. Луѓето ќе речат дека се шегувам. Испратив сериозен предлог до него и до неговиот тим, но тие ме одбија – додаде Гркот.

Тој потоа потсети дека Јокиќ има договор со Денвер, но дека токму неговата иднина е она што ја прави приказната особено интересна. Јокиќ во 2027 година би можел да стане слободен агент, а Денвер нагетс сигурно ќе стори сè за да го задржи. На Србинот може да му биде понуден и рекорден договор во историјата на НБА.

Но, во САД веќе се поставува прашањето: што ако навистина посака Јокиќ нешто поинакво?

Нагетс во моментов не изгледа како тим што е способен лесно да се врати во шампионската трка. Токму затоа американските медиуми почнаа да ѝ посветуваат внимание на изјавата од Атина.

ЕСПН потсети и на неодамнешниот пример со Јонас Валанчиунас, кој го напушти Денвер и се пресели во Евролигата, каде што настапува за Жалгирис. Сепак, споредбата со Јокиќ е речиси невозможна.

Валанчиунас е далеку повозрасен, нема ниту приближно иста улога, статус и вредност во НБА, додека Јокиќ е франшизен играч, трикратен МВП и еден од најдобрите кошаркари во историјата на лигата. Токму затоа идејата да ја напушти НБА и да игра во Евролигата и понатаму звучи како научна фантастика. Едно е сигурно: идејата Никола Јокиќ да ја замени НБА со Евролигата повеќе не е само фантазија од видеоигра, за Панатинаикос тоа, очигледно, е голема амбиција.

ИЗДВОЕНИ