сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од ѕид до обвинение: 350.000 евра го урнаа судијата Ристов

Од ѕид до обвинение: 350.000 евра го урнаа судијата Ристов

Стафа осуден и веќе е зад решетки, расплет на случајот со поткупот за влијание и скриените пари

1429

Со пресудата за адвокатот Фехми Стафа, фатен „ин флагранти“ со поткуп даден од Љупчо Пецов викан Ѓаволот, случајот со апелациониот судија Ѓоко Ристов влезе во нова фаза: Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за две тешки кривични дела, додека Судот во меѓувреме одлучи тој да остане во куќен притвор.

Штипскиот Апелационен суд ја одби жалбата на одбраната на Ристов, што значи дека мерката домашен притвор останува во сила, барем во оваа фаза од постапката.

Обвинението за судијата доаѓа по истрагата што започна во декември минатата година, кога беше уапсен поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој сега веќе е правосилно осуден на една година и три месеци затвор, откако призна вина и склучи спогодба со Обвинителството.

Според доказите, Стафа побарал вкупно 100.000 евра од семејството на Ѓаволот за да издејствува влијание врз судија од Апелациониот суд во Скопје, за домашен притвор. На 13 декември 2025 година бил фатен како прима 20.000 евра од договорениот поткуп. Иако овие пари не стигнале до судијата, токму оваа истрага доведе до судијата и парите во ѕид.

При претрес на 18 јануари годинава, во куќата на родителите на судијата Ристов во Неготино биле пронајдени 350.000 евра, внимателно соѕидани во кујнскиот ѕид.

Парите биле распоредени во 13 пакувања – 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра, дел од нив со рачно напишани износи, скриени во шуплините од цигли.

Ова откритие, според Обвинителството, отворило сериозен сомнеж дека судијата со години прикривал имот и давал лажни податоци за својата имотна состојба.

– Обезбедени се докази дека осомничениот давал лажни или непотполни податоци за имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи – велат од ОЈО ГОКК.

Покрај делото противправно стекнување и прикривање имот, истрагата утврдила и елементи на перење пари, имајќи ги предвид начинот на криење на средствата и нивното потекло. Случајот дополнително доби на тежина во јавноста ако се има предвид дека станува збор за судија од Апелација, кој одлучувал по предмети од висок профил, додека паралелно, според истрагата, во неговото опкружување се одвивале активности поврзани со поткуп и влијание.

Инаку, лицето за кое требало да се издејствува укинување на притворот е Љупчо Пецов-Ѓаволот, еден од обвинетите во случајот „Синџир“, каде што 26 лица се товарат за финансиски криминал тежок околу осум милиони евра, преку фиктивни фактури и даночно затајување.

Пецов, кој извесен период беше во бегство, неколку дена по апсењето на Стафа сам им се предаде на органите на прогонот.

Сепак, и покрај тежината на наводите, за Ристов важи презумцијата на невиност сè до правосилната судска одлука. Неговата одбрана тврди дека ќе докажат оти парите се на родителите на Ристов, добиени од продажба на трактори и на земјиште за фотоволтаици.

– Правевме финансиски проверки, тргнавме во потрага по парите. Неговата плата е несразмерна со тоа што го поседувал и не го пријавил – рече на брифингот со новинарите обвинителката Искра Хаџи Василева. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ