вторник, октомври 6, 2026
Дома СВЕТ Нападнат е трговски брод под панамско знаме во близина на Ормускиот теснец

Нападнат е трговски брод под панамско знаме во близина на Ормускиот теснец

0

Трговски брод под панамско знаме денеска беше нападнат во близина на брегот на оманската провинција Мусандам, при што избувна пожар на бродот и беше неопходна медицинска евакуација на десет членови на екипажот, соопшти Министерството за одбрана на Оман.

Бродот, именуван „On Peace“, бил нападнат на околу девет наутички милји североисточно од Лима во Мусандам, во близина на Ормускиот теснец, се наведува во соопштението.

Кралските воздухопловни сили на Оман, во координација со надлежните органи, ја спроведоа медицинската евакуација на десетте членови на екипажот.

Членовите на екипажот со хеликоптер беа пренесени во болницата „Касаб“ во Мусандам, каде што им беше укажана неопходната медицинска помош.

Министерството не ја прецизираше природата на нападот, состојбата на евакуираните членови на екипажот, ниту кој е одговорен за инцидентот.

Нападот се случи во близина на Ормускиот теснец, стратешка поморска рута што го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море, при што оманскиот брег се наоѓа спроти Иран.

Теснецот претставува жариште во конфликтот меѓу САД и Иран, а во последните месеци во оваа област се забележани бројни напади врз пловни објекти.

ИЗДВОЕНИ