вторник, октомври 6, 2026
Дома КУЛТУРА Во училиштата во САД се забранети 12.000 книги, вклучително и дела од...

Во училиштата во САД се забранети 12.000 книги, вклучително и дела од Стивен Кинг

0
Фото:википедија

Вкупно 12.000 книги се забранети во училиштата во САД што претставува најголем број откако организацијата, посветена на слободата на изразување, почна да го следи отстранувањето на книги од наставната програма пред пет години.

Според извештаите, делата на Стивен Кинг втора година по ред се најчеста цел на ваквите мерки, пренесе АП (AP). Забраните и насловите на книги варираат во зависност од сојузната држава.

Многу од забраните се случија во Флорида и Тексас, каде што се усвоени рестриктивни закони, а политичари и конзервативни активисти се залагаат за отстранување на одредени наслови.

Организацијата „ПЕН“ (PEN) исто така утврди дека училишните администратори сè повеќе се потпираат на вештачката интелигенција за да одредат кои книги треба да бидат забранети.

Темите поврзани со расата, расизмот, сексуалноста и родовиот идентитет остануваат најчести причини за оспорување на книгите, според извештајот на „ПЕН“ насловен „Забранети во САД“ (Banned in the USA).

„Забраните на книги ја попречуваат слободата на читање и им го ускратуваат на учениците пристапот до различноста на ставови, гласови, перспективи и литература со кои заслужуваат да се сретнат“, се наведува во студијата.

Севкупно, „ПЕН“ забележа 11.982 случаи на забрани, кои опфаќаат 7.370 поединечни дела. Повеќе од 4.500 наслови се појавија на списокот за првпат, вклучувајќи го класикот од 19-тиот век „Џејн Ер“ (Jane Eyre) и манга серијалот „Токио Гул“ (Tokyo Ghoul) од Суи Ишида.

Извештајот беше објавен за време на „Неделата на забранети книги“ – период кога училиштата, библиотеките и другите институции организираат настани што укажуваат на обидите за цензура, објави АП.

Книгите на Стивен Кинг беа забранети во 312 случаи, а меѓу нив се наслови како „Сјаење“ (The Shining) и „Зелената милја“ (The Green Mile).

Во меѓувреме, поединечно најчесто забрануваниот наслов беше романот „Продадена“ (Sold) од Патриша Мекормик – кој ја раскажува приказната за девојче продадено во сексуално ропство во Индија – при што „ПЕН“ забележа негово отстранување во 25 случаи.

Други книги што често се на мета вклучуваат: дистопискиот роман на Маргарет Атвуд „Приказната на слугинката“ (The Handmaid’s Tale); наградуваниот роман на Лори Халс Андерсон „Зборувај“ (Speak), кој раскажува за тинејџерка што престанува да зборува откако била силувана; и романот на Елен Хопкинс за зависноста од дрога, „Кренк“.

„ПЕН Америка“ (PEN America) и Американската библиотечна асоцијација (ALA) забележаа историски пораст на забраните за книги од почетокот на 2020-тите години, иако нивните методологии се разликуваат, забележуваат организациите.

„ПЕН“ ги смета за забранети и оние книги што се отстранети дури и на краток период, додека „ALA“ ги вклучува само оние што се трајно повлечени. Според најновиот извештај на библиотечната асоцијација, објавен во април, во текот на минатата година биле забележани приближно 5.600 случаи на забрани за книги, пренесе „Танјуг“.

 

ИЗДВОЕНИ