Младата уметница Стефани Стојаноска-Наумческа на 16 мај ќе ја претстави својата самостојна изложба „Уметноста на душата“ со апстрактни дела инспирирани од емоциите и духовноста во Ровиго, Италија. Таа ќе се претстави со апстрактни дела од своето најново творештво
Талентираната млада уметница Стефани Стојаноска-Наумческа од Гостивар, која пошироката македонска јавност лани ја запозна преку нејзината самостојна изложба „Бесконечна надеж“, на која се претстави пред љубителите на уметноста со дела цртани со кафе, вино, но и со портрети на девојки и со апстрактната уметност, веќе најавува ново претставување, и тоа во Ровиго, Република Италија.
Оваа 29-годишна уметница веќе 10 години твори и работи на нови дела и идеи, но и на нови и уште понеобични техники на цртање, а нејзините слики предизвикуваат внимание не само во Македонија туку и надвор од границите на државата. Како што вели за весникот ВЕЧЕР, како што растела и созревала така созревале и љубовта кон уметноста и талентот.

– Моментално подготвувам нова самостојна изложба, која ќе се одржи на 16 мај, во Ровиго, Република Италија. Изложбата го носи насловот „Уметноста на душата“ и, за мене, претставува многу значаен чекор во мојата уметничка кариера. На оваа изложба ќе бидат претставени апстрактни дела од моето најново творештво, преку кои се обидувам да ги изразам внатрешните емоции, духовноста и личните доживувања. Моите дела се инспирирани од длабочината на човечката душа и од убавината на уметничкото изразување. Особено сум среќна што мојата уметност ќе има можност да биде претставена пред меѓународната публика, што, за мене, претставува голема чест, но и дополнителна мотивација за понатамошно творење и развој во уметноста – вели Стојаноска-Наумческа.
Како што вели самата, апстрактната уметност за неа претставува начин на изразување преку бојата, формата и движењето за да се пренесат чувства и мисли што понекогаш не може да се искажат со зборови.
– Соработката за оваа изложба дојде како резултат на интересот и препознавањето на мојата уметност од страна на луѓе што ги следат мојата работа и моето творештво. Тука сум му бескрајно благодарна на уметникот Алит Сејадиновски, кој е по потекло од Македонија, но веќе долго време живее и твори во Ровиго, Р Италија. По неговото присуство на мојата прва самостојна изложба, моите дела беа прикажани во Италија и така се роди идејата да бидат претставени пред публиката во Ровиго, Република Италија, што, за мене, претставува голема чест и значајна можност. Покрај самата изложба, ваквите настани најчесто отвораат простор и за нови културни средби, контакти и идна соработка со уметниците и со љубителите на уметноста. За мене, тоа е можност не само да ја претставам мојата уметност туку и да ги претставам пред меѓународната публика културата и творештвото што доаѓаат од нашата земја – додава Стојаноска-Наумческа.

Она што е особено интересно е што таа слика во најразлични техники и секогаш експериментира, барајќи нова можност за нов уметнички израз.
– Да, во моето творештво секогаш сакам да експериментирам со различни техники и материјали. Покрај сликањето со вино и со кафе, кои носат посебна текстура и природна топлина во делата, постојано размислувам и за нови начини на изразување. Како уметник, сметам дека е важно да се истражуваат нови пристапи и техники што ќе донесат свежина и оригиналност во уметноста. Во иднина планирам да експериментирам и со други интересни материјали и со комбинирани техники, со цел моите дела да бидат уште поавтентични и визуелно впечатливи за публиката. За мене, најважно е преку уметноста да се пренесат емоцијата и приказната, без разлика на техниката што се користи – истакнува Стефани, која додава дека, всушност, за уметникот, секоја техника е убава, но, сепак, ги издвојува уметноста со кафе и со вино, портретната уметност и апстракциите.
– Кога создавам едно дело, се трудам преку боите, формите и енергијата на сликата да пренесам позитивна порака, надеж и сила. Моите дела не се само визуелен израз туку и начин да се поттикне размислување и чувство кај секој што ќе ги види. Верувам дека уметноста има моќ да ги поврзе луѓето и да допре до нивната душа, оставајќи им простор сами да ја почувствуваат и протолкуваат пораката на делото – вели Стефани, која додава дека ѝ е чест што е член и на уметничка колонија во Ровиго, Италија, што ѝ овозможува нови контакти, соработка и можности за претставување на уметноста пред меѓународната публика и за запознавање уметници од целиот свет.
– Во Италија ќе се претставам со апстрактна уметност, правец во кој уметникот не се обидува директно да ја прикаже реалноста, туку преку бојата, формата, линиите и текстурата ги изразува чувствата, мислите и внатрешната енергија. Притоа,најчесто користам интензивни бои. Наместо препознатливи предмети или фигури, апстрактните дела оставаат простор секој човек сам да ја почувствува и протолкува пораката на сликата. Во апстрактната уметност најважни се емоцијата, движењето на боите и слободата на изразување. Токму затоа таа често се доживува многу лично – секој посетител може да види и почувствува нешто различно во истото дело. Овој правец во уметноста им дава на уметниците можност без ограничување да ја покажат својата креативност, а на публиката ѝ овозможува да се поврзе со делото на подлабоко, духовно и емоционално ниво – вели уметницата, која е член на уметничките здруженија „Драудакум“ во Гостивар и „Радика“ во Дебар. (Д. Т.)












