
Со своите темни пилотски очила за сонце со сини стакла, кои не ги вади ниту во затворена просторија, францускиот претседател, Емануел Макрон, неделава повторно го привлече вниманието на јавноста. На самитот на НАТО во Анкара, тоа повторно предизвика голем број коментари на социјалните мрежи, исто како и претходно оваа година, кога првпат се појави со видливо црвено десно око и со темни очила додека присуствуваше на Светскиот економски форум во Давос, во јануари.
Во меѓувреме, Макрон ги носеше очилата и кон крајот на јуни, во текот на средбата со султанот на Оман, Хајтам бин Тарик, во Париз, ги имаше на себе и сега, во текот на официјалните активности на самитот на НАТО во Анкара, вклучувајќи го и приемот со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. Исто така, беше фотографиран со темни очила во средата изутрина додека џогира во парк во Анкара, пред почетокот на главните сесии на самитот на НАТО.
Како што велат француските претставници, очилата не се моден детаљ, туку дел од закрепнувањето од благи проблеми со очите. Елисејската палата претходно објави дека претседателот имал субконјунктивално крвавење, односно пукнат мал крвен сад под проѕирната мембрана што ја покрива белката на окото. Оваа состојба генерално не е опасна, не влијае на видот и обично исчезнува сама по себе во рок од една до две недели. Сепак, може да предизвика зголемена чувствителност на светлина, поради што се препорачува носење затемнети очила. Елисејската палата нагласува дека таа состојба не е ниту болест ниту инфекција и не бара посебен третман.
Можеби не се моден детаљ, но очилата на Макрон направија моден бум, уште првиот пат кога се појави со нив, во јануари во Давос. Неговите пилотски очила модел „пацифик С 01 дабл голд“, од брендот „Анри Жулиен“, чија цена е 659 евра, тогаш предизвикаа неочекувано голем интерес во јавноста. Веб- страницата на италијанската компанија „Ај вижн тек“, која го поседува брендот од 2023 година, привремено падна поради големата посетеност, а потоа продолжи да работи со намалена брзина. Исто така, акциите ѝ пораснаа за 28 проценти, а, како што пишуваше „Форбс“, зголеменото внимание на јавноста и реакциите на социјалните мрежи придонеле за раст на нејзината пазарна вредност за околу 4,1 милион долари.
Очилата за сонце на Макрон сериозно влегоа во фокусот на вниманието кога иронично се осврна американскиот претседател, Доналд Трамп, на неговиот изглед. Тогаш, наместо да обрне внимание на пораките од форумот или на здравствената состојба на францускиот претседател, јавноста го насочи вниманието на модниот детаљ, кој потсетува на пилотските очила од филмот „Топ Ган“.











